Утрински Весник
Македонија

Инспектори „ќе влегуваат“ на онлајн часови за да следат како работат наставниците

Инспектори „ќе влегуваат“ на онлајн часови за да следат како работат наставниците

Со почетокот на новата учебна година, државните просветни инспектори ќе имаат ингеренции без најава да се приклучуваат на онлајн часовите со цел да ја следат работата на наставниците. Како што учениците ќе имаат кориснички имиња и лозинки, така ќе имаат и инспекторите, со што ќе имаат пристап до националната онлајн платформа (која е во фаза на изработка), на која ќе се учи од 1 октомври.

До лани, инспекторите влегуваа во училиштата на часови, најчесто со претходна најава, за да ја следат работата на наставникот и да утврдат дали се постигнуваат образовните цели на часот.

Томе Спировски, директорот на Државниот просветен инспекторат (ДПИ), за „Мета“ вели дека во инспекторатот веќе имаат подготвено план за следење на работата на наставниците.

– Веќе имаме план за следење на работата на наставниците и на професорите. Нивниот ангажман ќе се следи зависно од изборот кое го направило училиштето, дали избрало да организира онлајн настава или настава со физичко присуство. Надзори ќе вршиме со физичко присуство во училиштата, но сепак, онаму каде што има потреба ќе влегуваме онлајн. Нашите инспектори ќе може да влезат, ќе ни биде нам како ДПИ обезбеден пристап и ќе имаме право во живо да го следиме часот заедно со учениците – објаснува Спировски.

Деновиве училиштата се подготвуваат за претстојната учебна година, која за прв пат во историјата ќе започне на 1 октомври. Директорите предупредуваат дека немаат доволно пари и ИТ опрема, а во Министерството за образование и наука (МОН) велат дека ќе мора да се започне со ресурсите со кои и сега располагаат училиштата, бидејќи екстра ресурси, засега нема да има.

Новата министерка за образование и наука, Мила Царовска, денеска во интервју за „Мета“ кажа дека e голем предизвикот да се започне учебната година на овој начин.

„Пристапот за сите деца нема да биде подеднаков затоа што како држава немаме услови за тоа. Јас сакам да имаме најдобро дигитализирано образование и во минатите 10 години да се инвестирало со голем капацитет во образовниот систем, но, не го наоѓаме во таква поволна ситуација образованието. Ниту претходниот, ниту претходниот министер се виновни за тоа, едноставно веројатно државна стратегија за инвестиции во образованието и немало. Сакам да создадеме услови голем број од децата да почнат да учат онлајн преку национална платформа, која и понатаму ќе остане во системот како ресурс и учениците да можат да ја користат и кога се учи во училница“, рече министерката.

 

Извор: meta.mk

Можете да прочитате

Д-р Јовановски на подкаст ЗРАК: Има различни методи на реконструкција по мастектомија

Кузмановска: Хема – Онко нуди поддршка за лицата заболени од канцер

(Видео) Започнува нова епизода на подкастот Зрак со д-р Марина