Овој април во некои делови на Индија се забележани највисоките просечни температури во историјата, а се очекува екстремно топлото време да продолжи и во мај, најавија индиските власти.
Индија и соседен Пакистан оваа година беа погодени од невидени топлотни бранови, кои предизвикаа топење на асфалтот во некои градови, затворање на училишта и бројни предупредувања за здравјето и пожари, пренесува Ројтерс.
Во северозападните и централните делови на Индија, во април се забележани просечни максимални температури од 35,9 до 37,78 Целзиусови, изјави за време на брифингот со новинарите генералниот директор на индиската метеоролошка служба, истакнувајќи дека ова се највисоките температури во последните 122 години.
Научниците се согласуваат дека повеќе од милијарда луѓе се изложени на ризик од ефектите на топлината во Индија, предупредувајќи дека раниот почеток на жешките лета е во корелација со климатските промени.
Пакистанската федерална министерка за климатски промени Шери Реман во саботата потврди дека за прв пат по децении, Пакистан се префрлил од зима на лето без пролетна сезона.