Утрински Весник
Македонија

Инвестирани над 12,5 милиони денари за инфраструктурни проекти за ромската заедница во Кочани

Инвестирани над 12,5 милиони денари за инфраструктурни проекти за ромската заедница во Кочани

Кочани, 3 јуни 2020 (МИА) – Општина Кочани досега инвестираше над 12,5 милиони денари за реализација на инфраструктурни проекти во Ромското Маало, со што значително се подобрени условите за живеење на жителите од оваа населба.

На работната средба што градоначалникот на Кочани, Николчо Илијев денеска ја имаше со претставници на локалните ромски невладини организации, беше речено дека се работи на решавање на сообраќајната инфраструктура и обезбедувањето водоводна и канализациска мрежа, но и на прашања од социјален карактер.

– Обезбедивме средства за реконструкција на улицата „Стамен Манов“ на потегот до Фабриката за вода, при што ќе се изградат водовод и канализација, а инфраструктурни активности ќе почнат набргу. Во подготовка е и јавна набавка за изградба на живеалишта за семејствата од Старата касарна. Објектите ќе бидат лоцирани во близина на Ромското Маало, а таму ќе се гради и патна и комунална инфраструктура, истакна градоначалникот Илијев.

Општинските служби за урбанизам ги информираа претставниците на граѓанските здруженија дека цела година се работи на деталниот урбанистички план за Градска четврт 5, каде припаѓа и Ромското Маало, но постапката е сложена, затоа што во изминатиот период биле легализирани објекти кои тешко можат се вклопат во него затоа што се изградени на сред улица или пак го немаат потребното растојание со постојните објекти. Поради тоа се подготвува повторна јавна презентација и анкета, според уредбите на Владата за време на криза.

На средбата беше истакната потребата од јакнење на јавната свест кај населението за однесувањето кон отпадот и намалувањето на дивите депонии, како и за поодговорно и совесно однесување кон јавното добро и урбаната опрема во градот. Притоа беше нагласена клучната улога на граѓанските здруженија за едукацијата на населението.

– Се срамиме од постапките на некои наши сограѓани и задоволни сме што во последните три години за подобрување на животот на ромското население е вложено повеќе отколку во минатите три децении, истакна Аки Акиов, претставник на ромската заедница во Кочани.

На забелешките од жители на Ромското Маало дека на еден дел од улицата „Стамен Манов“ не живее ромско население, од локалната самоуправа повикаа да нема поделби на жителите по никаква основа, бидејќи инфраструктурата е за сите граѓани, без оглед на нивната етничка или верска припадност. та/ир

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Лимани: Непријавувањето на насилството од страна на жртвите е еден од најсериозните проблеми

Учество на Муцунски на десеттата годишна конференција „Медитерански дијалог” во Рим

61- годишна жена го роди своето прво бебе на Клиниката за гинекологија