Утрински Весник
Свет
300x250 opst2

Израел повторно ја затвори земјата, граѓаните незадоволни

Израел повторно ја затвори земјата, граѓаните незадоволни
300x250 opst2

Израел е меѓу земјите со најголем број на заразени со коронавирус. Владата затоа воведе нов локдаун. Таа одлука наиде на отпор кај населението, пишува „Дојче веле“.

Земјата беше во локдаун и за време на Пасха, еврејски празник во април, кога изостанаа сите видови прослави. Израелската влада сега одлучи по втор пат да забрани движење – само неколку часа пред почетокот на еврејската Нова година.

Одлуката за повторно воведување на забрана за движење ја дели нацијата. Според новите правила, на Израелците им е дозволено да се оддалечат максимум еден километар од своите домови. Долг список на ограничувања и исклучоци беше објавен во четвртокот.

„Ситуацијата е апсурдна. Нема доверба во одлуката за ново затворање на земјата“, вели Анат Дример. Последното купување го извршила на пазар во Ерусалим. “Многумина се бесни и збунети во исто време. Не беше добро подготвено. Ниту минатиот пат немаше јасна стратегија да се излезе од локдаунот. И сега започнува нов циклус на ужас”.
Економијата сè уште не е закрепната.

Анат Дример е актерка и нема работа од почетокот на пандемијата. „Не знам кога повторно ќе можеме да работиме нормално и дали некој ќе се грижи за нас. Имам впечаток дека многу работи се прават само заради политички и религиозен притисок“.

Израелската економија сè уште не е опоравена од првата блокада што се случи во март и април. Премиерот Бенјамин Нетанјаху тогаш доби пофалби од сите страни за начинот на кој ја решава кризата и работи на борбата против пандемијата.

Но, од тогаш, критиките кон владата растат: веќе со месеци граѓаните протестираат секоја недела пред резиденцијата на премиерот во Ерусалим. Причината е неговата афера со корупција, но и начинот на кој владата ја решава кризата со коронавирусот.

Израел сега е меѓу земјите со најголем број на заразени. Но, додека бројот на нови случаи продолжи да расте во последните неколку недели, политичарите, медицинските лица и ултраортодоксните донесувачи на одлуки само одлучија регионално да ги ограничат ноќните излегувања во градовите и градските квартови.

Нејасната насока и попустливост на владата кон разни интересни групи налути многу граѓани. Претседателот Реувен Ривлин призна дека израелското раководство ги разочарало граѓаните. „Го разбирам чувството на збунетост, несигурност и страв кај многу граѓани. Разбирам и пред сè сакам да се извинам за тоа”, рече Ривлин.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Бабиш прогласи победа на неговото движење АНО на изборите во Чешка, премиерот Фиала му честиташе

Трамп предупреди дека нема да толерира одложување на одговорот на Хамас

Демонстранти упаднаа во дворот на претседателската палата во Тбилиси на денот на локалните избори