Дебар, 19 март 2020 (МИА) – Во рамки на мерките на Оперативниот штаб за дезинфекција на објекти, денеска оваа активност е реализирана во православните храмови во Дебар и околината.
-Според дефинираниот план извршена е дезинфекција на двете цркви во Дебар „ Успение на Пресвета Богородица“,која се наоѓа во горниот дел на градот и „Света Петка“ во близина на центарот на градот,каде што е и седиштето на дебарската Парохија. Исто така дезинфкеција е извршена и во манастирот „Свети Георгиј Победоносец“ во селото Рајчица, изјави Малиќ Диша,член на Оперативниот штаб.
Како што потврдува сестра Ефимија дезинфициран е целиот простор во и надвор од манастирските ѕидови.
-Изразуваме огромна благодарност кон членовите на Оперативниот штаб на Дебар за покажаната грижа кон манастирскиот комплекс. Бог да ги благослови за ова дело и да им испрати сила не само ним, туку и на медицинските лица, воопшто на сите оние кои макотрпно работат во зачувувањето на здравјето на народот, но и будно ги спроведуваат мерките за превенција од понатамошно ширење и заштита од КОВИД – 19,изјави за МИА,сестра Ефимија.
Нашите Свештени обители,додава таа, духовно раководени од игуменот Партениј, продолжуваат молитвено да ги поткрепуваат сите граѓани на нашата земја, сиот свет во борбата против опасниот вирус.
По прогласуваето на кризна сосотојба во општинте Дебар и Центар Жупа манастирот во Рајчица е целосно затворен за посети, додека, пак, во Бигорски,кој територијално припаѓа во Општина Маврово и Ростуше посетите се редуцирани.
Инаку,, вчера извршена е дезинфекција на седумте џамии, вклучувајќи ја и Саат кула џамијата, како и просториите на муфтиството. вт/вг/.