Париз, 13 мај 2020 (МИА) – Емисијата на јаглерод диоксид во текот на оваа година ќе се намали за околу 2,6 милијарди тони, што претставува шест пати поголем пад отколку по светската економска криза во 2008-09 година и дури двојно повеќе од сите намалувања по Втората светска војна, соопшти Меѓународната агенција за енергетика (ИEA) со седиште во Париз.
– Драстичното ограничување на глобалните економска активност и мобилност во текот на првиот квартал на 2020 година ја намалија светската побарувачка за енергија за 3,8 отсто во однос на првите три месеци од минатата година, посочува ИЕА, додавајќи дека се очекува вкупната потрошувачка на енергија годинава да се намали за шест проценти, пад каков што не е забележан во последните 70 години.
Ваквото намалување на потрошувачката на енергенси, како што покажуваат податоците на повеќе меѓународни агенции, но и сателитските снимки на американската Национална аеронаутичка и вселенска администрација (НАСА) и Европската вселенска агенција (ЕСА), резултираше со пад на емисиите на јаглерод диоксид и останатите гасови што го предизвикуваат ефектот на стаклена градина.
Професорот Маршал Бурка од Универзитетот во Стенфорд, повикувајќи се на податоци добиени од сензорите на американската Влада во четири кинески градови, посочува дека емисиите на јаглерод диоксид во Кина во јануари и февруари годинава се намалени за 25 проценти во однос на истиот период лани. Според него, ваквото намалување на емисиите на штетни гасови потенцијално спаси дури 77.000 животи во Кина.
Доказ за „прочистувањето на воздухот“, посочуваат експертите, е фактот што првпат по 30 години врвовите на Хималаите се видливи на оддалеченост и до 200 километри во Индија.
Од друга страна, рибите и лебедите се вратија во каналите во Венеција, две патки пливаа во една од фонтаните на Шпанските скали во Рим, а крокодили првпат по неколку децении излегоа на плажата во мексиканското одморалиште Вентанила. сп/са/