Утрински Весник
Македонија

ИДСЦ:Со измени на Законот за јавни претпријатија до поквалитетни јавни услуги

ИДСЦ:Со измени на Законот за јавни претпријатија до поквалитетни јавни услуги

Скопје, 23 април 2020 (МИА) – Јавните претпријатија претставуваат институции со кои што граѓаните секојдневно се среќаваат и од нив очекуваат навремени, квалитетни, лесно достапни и брзи услуги кои треба да им го подобрат квалитетот на животот. Тие трошат јавни (ваши) пари и последиците од нивното работење влијаат на многу луѓе, се вели во истражувањето спроведено од Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ – Скопје за работата на јавните претпријатија.

Дали граѓаните ќе бидат задоволни или разочарани, се посочува, зависи од квалитетот на услугата која ја добиваат, а квалитетот на услугата зависи од начинот на кој што се управуваат претпријатијата.

– Управните и надзорните одобри се пополнети од партиски луѓе, без особени квалификации да учествуваат во управувањето на претпријатијата и кои имаат несоодветно искуство и недостаток на формално образование.Управните одбори ја одредуваат насоката на претпријатието, додека пак надзорните одбори треба да ја контролираат законитоста во работењето. Оттука и потребата лицата во управните одбори да бидат искусни во делокругот на работата на претпријатието, а оние во надзорните да имаат соодветно искуство во материјалното и финансиско раководење, покажале резултатите од истражувањето на Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ – Скопје.

Консултациите на ИДСЦС со неколку јавни претпријатија во текот на истражувањето, стои во објавениот извештај, покажуваат дека раководствата на претпријатијата одлучуваат формално, бидејќи или немаат знаење да ги проверуваат извештаите и состојбите во претпријатието, или пак, како што стои, се водат од тоа што е дадено како налог од основачот.

– За да се избегне неефикасното управување со јавни претпријатија, од Институтот сметаат дека треба да постои јасна и јавна процедура за селекција на управувачките структури, која ќе се фокусира на избор базиран на искуството и образованието на кандидатите, се подвлекува во извештајот.

Луѓето кои ги управуваат јавните претпријатија, стои во истражувањето од ИДСЦС, потребно е да имаат минимум три години искуство затоа што без поминати три години работејќи една работа, одлуките не можат самостојно да се донесат. Во секоја работа, се вели понатаму, првата година треба да е посветена на учење, втората на работење со супервизија, а во третата да се испроба наученото, со толеранција дека ќе има грешки. По третата година може да се каже дека некој може да раководи самостојно со некој процес. Дури тогаш, стои во извештајот, некој може да се квалификува да учествува во управување.

Во управните и надзорните одбори, Според Институтот за демократија „Социетас Цивилис“-Скопје, потребни се луѓе кои ќе имаат искуство од областа на претпријатието, искуство од управување со тим и искуство во финансиско управување. На претпријатието, сметаат, му се потребни луѓе кои што знаат што треба да се прави, знаат како да се организира процесот и луѓе кои што тоа ќе го гледаат низ финансиската перспектива.

Промената на Законот за јавни претпријатија која треба да претстои, се посочува во извештајот, треба да креира модел кој ќе биде ориентиран кон способности наспроти услови.

Според Институтот за демократија „Социетас Цивилис“-Скопје, досегашниот модел на назначување треба да се замени со интервјуа, за да се утврди способноста, а со тоа и соодветноста на најдобрите три кандидати.

– Во целиот овој процес, ИДСЦС повикува да се води сметка за потребата од јавност на процесот за да се врати довербата кај граѓаните при назначување или вработување на овие лица. Тоа значи дека треба да постои соодветна видео документација од интервјуирањето на кандидатите, видливост на бодирањето и записници при изборот со образложенија зошто се избрани токму тие кандидати, се вели во соопштението од ИДСЦС. цр/лв/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Владата повторно ќе му помогне на ЈСП ако не успее тендерот за нафта

Засилени контроли на патарините, казни од по 200 евра за неплаќачите

Стипендии за студенти на УКЛО од семејства со ниски приходи