Кочани, 13 мај 2020 (МИА) – Од идната недела Општина Кочани ќе почне со реализација на годишната програма за дезинсекција и третман против комарците за што од сопствениот буџет издвои два милиони денари, што е зголемување за околу 20 отсто во однос на мината година.
Првото прскање, в четврток и петок, ќе се реализира од земја, а ќе бидат опфатени 300 хектари од градското подрачје на Кочани и селата Тркање, Мојанци, Горни и Долни Подлог, Грдовци, Прибачево и Оризари.
-За третманот против комарците ќе се користи препаратот „Аква к-отрин“ со активната супстанција делтаметрин. Се работи за широкоспектарен инсектицид за прскање против овие инсекти, а што е одобрен од Бирото за лекови. Прскањето ќе го врши екипа од нашиот Центар за јавно здравје, информираа од Одделението за јавни дејности на Општина Кочани.
Од општинската администрација упатија апел до граѓаните кои одгледуваат пчели, да ги преземат потребните заштитни мерки за време и по третирањето на подрачјето.
Во случај на ветар, дожд или други непогодни временски услови, дезинсекцијата ќе се одложи за следниот поволен ден. та/аа/