Утрински Весник
Свет

Зошто е речиси невозможно да се заразите со коронавирус на отворено?

Зошто е речиси невозможно да се заразите со коронавирус на отворено?

Аеросолите, ситни честички што лебдат во воздухот, се главниот виновник за пренесување на коронавирусот. Според наодите на научниците, ова особено се случува во затворен простор бидејќи циркулацијата на воздухот на отворено е многу поголема.

„Имате проток на ветер, така што концентрацијата на аеросолот се разредува многу брзо”, вели Нико Мутерс, раководител на Институтот за јавно здравје на Универзитетската клиника во Бон за „Дојче веле“.

Александар Кекуле, вирусолог, вели слично, но додава: „Сето тоа се однесува ако држите растојание од најмалку метар и половина на отворено. Ако не ја одржувате таа далечина, ако стоите и се гледате лице в лице и разговарате гласно, пеете, викате, плукате – тогаш, наместо преку аеросоли, може да се заразите преку капки од плунката“.

Студиите потврдуваат дека ризикот од инфекција надвор е исклучително мал. Една студија од Кина испита 7.324 случаи на инфекција – само една се случила на отворено. Кекуле вели дека истото важи и за мутациите на вирусот – тие се нешто позаразни, но мерките остануваат исти.

Како влијае ветерот?

„Колку е поветровито, толку побрзо ќе се распрснат облаците од аеросоли“, вели Герхард Шоих, физичар и истражувач на аеросоли.

На прашањето дали, на пример, на една ливада каде што седат различни групи луѓе, можно е ветерот да пренесува аеросоли од една во друга група, Шоих вели дека тоа е практично невозможно.

„Поради температурата на телото, се создава еден вид воздушна струја, која претежно, како и со камин, се движи нагоре“, изјави овој физичар за „Дојче веле“. Појаснува дека тоа е така затоа што телесната температура од околу 37 степени е генерално повисока од надворешната.

„На тој начин потоплиот воздух се движи нагоре, дури и облакот од аеросоли“, додава тој.

Една студија во Иран, исто така, потврди дека ветерот не игра никаква улога во пренесувањето на вирусот.

Дали има опасност од спортување?

Експертите велат дека спортистите, на пример кога џогираат, треба да одржуваат растојание од метар и половина, и дека во состојба на физичко оптоварување тие дишат подлабоко и испуштаат повеќе честички во воздухот.

„Ако некој помине покрај вас, дури и на кратко растојание, ризикот е многу мал“, вели Биргит Венер, истражувач од Институтот Лајбниц.

Слично размислува и нејзиниот колега Герхард Шоих – и задушените спортисти ќе мораат да стојат едни до други неколку минути за да се прошири инфекцијата. Затоа тој не гледа проблем во тимските спортови како фудбалот.

„Но, проблемот се јавува кога се користат соблекувални или тоалети. Ова се опасни простории. Тие мора да бидат добро проветрени“, додава Шоих.

Холандска студија, која минатата година покажа дека е потребно поголемо растојание меѓу спортистите, се смета за контроверзна. Во студијата се наведува дека велосипедистите треба да се оддалечат дваесетина метри. Критичарите истакнуваат дека студијата е спроведена во тунел на ветер, а не под реални услови.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Силна експлозија во фабрика во Шпанија – има загинати и повредени

Русија го подготвува ракетниот систем „Сармат“ за оперативна готовност

На Германија годишно и се потребни 288.000 странски работници