Зоолошката градина во Варшава објави дека ќе започне да им дава медицинска марихуана на слоновите како дел од пилот-проект, тестирајќи како тоа влијае на стресот и вознемиреноста што ги чувствуваат и овие големи животни, пренесува Дејли меил.
Медицинска марихуана веќе се користи во некои делови на светот за лекување на кучиња и коњи, но ова е првпат да се испроба во експеримент врз слонови, соопштија полските ветеринари.
Д-р Агниешка Чујковска, ветеринар кој го води проектот, смета дека „ова е веројатно првата иницијатива од ваков вид што се применува на слоновите“. Таа посочи дека таа и нејзините колеги ќе се обидат да најдат нова природна алтернатива на веќе постоечките методи на управување со стресот кај слоновите. Таа истакна дека тие сакаат да избегнат употреба на фармацевтски препарати.
Идејата за лекување на неколку слонови со медицинска марихуана, тројца ветеринати ја добиле откако во зоолошката градина починала алфа женката Ерна во март.
Слоницата Фреџија покажала многу силни знаци на стрес по смртта на Ерна, во исто време обидувајќи се да воспостави нов вид врска со другиот слон Буба.
Чујковска вели дека често месеци и дури години поминуваат пред слоновите да успеат да ја надминат смртта на постар член на стадото и да ја воспостават хармонијата.
Првата фаза на експериментот е веќе завршена, и вклучуваше собирање измет, плунка и крв од сите слонови за да провери нивото на кортизол, хормон што телото го произведува кога е под стрес.
„Планираме на Фреџија да и дадеме масло од канабис и постојано да го проверуваме нивото на кортизол. Тогаш со сигурност ќе знаеме дали функционира оваа постапка“, рече д-р Чујковска.
Медицинската марихуана ќе им се дава на слоновите директно во устата или ќе се меша со храна, а здравјето на другите слонови ќе се проверува редовно преку крвни тестови.
Почетните дози во количина ќе бидат слични на оние што им се даваат на коњите, што значи десетина капки масло од канабис поделени во две до три дози на ден. Иако е дериват на канабис, ова масло не ја содржи психоактивната супстанција TХЦ.