Скопје, 10 април 2020 (МИА) – Здружението на новинарите на Македонија денеска излезе со соопштение во кое наведува дека со загриженост ја примило информацијата дека уредникот на националната телевизија „Канал 5“, Гоце Михајлоски, е позитивен на коронавирусот. На колегата Михајлоски му посакува брзо закрепнување, да истрае во борбата со болеста и набргу да се врати на своето работно место.
-Поттикнати од некои неодговорни објави пред се на социјалните мрежи, ЗНМ апелира да не се стигматизираат новинарите и медиумските работници кое се заразени или за кои постои сомнеж дека се носители на коронавирусот. Потсетуваме дека говорот на омраза и повиците за насилство се казниви дела без разлика дали истите се присутни на традиционалните медиуми или пак на социјалните мрежи, нагласува ЗНМ.
Здружението укажа дека голем дел од новинарите и медиумските работници, поради природата на нивната работа се повеќе изложени на контакти со луѓе а тоа ги прави и да бидат повеќе ранливи за зараза со коронавирусот.
-Затоа од апсолутна важност за нивната лична безбедност, безбедноста на лицата со кои се во контакт новинарите и медиумските работници да имаат обезбедено услови и средства за работа од страна на сопствениците и менаџерите на медиумите преку кои ќе се намали ризикот на зараза. Во време кога квалитетното новинарство може да спаси животи, од исклучително значење е да имаме точни и навремени информации. За да биде тоа возможно, медиумските работници потребно е да бидат максимално заштитени во своите редакции, но и кога известуваат од терен. Потсетуваме на „Насоките за безбедно и професионално известување за коронавирусот (COVID-19)“ кои ЗНМ и СЕММ ги објавија неодамна каде се опишани стандардите за безбедно и професионално известување во услови на пандемија, потенцира ЗНМ. ац/