Утрински Весник
Македонија

ЗНМ и ССНМ со остра осуда за нападите врз новинари на протестот за „Монструм“

ЗНМ и ССНМ со остра осуда за нападите врз новинари на протестот за „Монструм“

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) остро го осудува денешниот напад врз екипа на Медиумската информативна агенција (МИА) и новинар од весникот „Слободен печат“ кои известуваа за протестот поврзан за случајот „Монструм”.

Според кажувањата на колегите од МИА имало обид да им се одземе опремата и турканици, при што снимателот бил турнат, а неговата опрема оштетена.

„Ваквиот однос кон новинарите кои се на работна задача на терен е неприфатлив и потребно е да биде строго казнет од страна на Министерството за внатрешни работи затоа што насилството кон новинарите не е дозволив во демократски земји. Неказнивоста на нападите и медиумските работници може да поттикне посериозни насилства кон новинарите, а со тоа дополнително да се загрози нивната безбедност, правото на слобода на изразување како и правото на информирање на граѓаните. Затоа е важно што поскоро да се измени Кривичниот закон во насока на системска заштита на новинари и медиумските работници“, велат од ЗНМ.

Од ССНМ, пак, известуваат дека и новинар од дневниот весник „Слободен печат“ бил спречен да ги извршува своите задачи од страна на полициски службеници во цивилна облека кои го извлекле на страна, му ја свиткале раката, безобразно и дрско се однесувале кон него и не го пуштиле додека не го избрише снимениот материјал со изговор дека ги снимал полицајците во лице.

„ССНМ смета дека ваквото однесување на полициски службеници е недозволиво и бара остра и ефективна реакција во изнаоѓање и казнување на полицските службеници кои го оневозможиле новинарот на Слободен печат да си ја извршува својата работна задача“, се наведува во соопштението.

Истовремено, ССНМ бара од надлежните државни органи да ги пронајдат и казнат насилниците во врска со нападот врз екипата на МИА.

„ССНМ силно протестира против ваквите инциденти бидејќи напад врз новинарите и медиумските работници е напад и врз слободата на изразување и правото на информирање на граѓаните“, се наведува во соопштението.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Николоски: Ќе се гради алтернативен пат на трасата Тетово – Гостивар за да не се отсечат жителите од Полог

Гаши: Газењето на државни знамиња е напад врз сите етнички заедници

Адвокатот Митровски: За палењето на македонското знаме може да се одговара и до пет години затвор