Скопје, 12 февруари 2020 (МИА) – Меморандум за соработка кој предвидува заедничка изработка на анализи, истражувања и прирачници, како и олеснет пристап до стручни материјали и литература, денеска потпишаа Здужението на новинари на Македонија (ЗНМ) и Државниот завод за ревизија (ДЗР).
Претседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски истакна дека со Меморандумот ќе се создадат услови за поблиска соработка помеѓу ЗНМ и ДЗР во насока на организација на заеднички работилници и активности со цел унапредување на транспарентноста и отчетноста во работењето на институциите, како и точното и навремено информирање на граѓаните. Сето ова беше со задоволство прифатено од главниот државен ревизор м-р Максим Ацевски кој остави отворен простор и динамика за конкретна соработка меѓу двете институции.
Соработката предвидува креирање на кампањи за осознавање на надлежностите, улогата и значењето на Државниот завод за ревизија, а од ЗНМ информираат дека Меморандумот е во насока на градење на партнерски односи со државните институции со цел подобро и поквалитетно информирање на граѓаните за теми кои се од особен јавен интерес.бк/лв/