Утрински Весник
Свет

Злосторствата од омраза во САД на највисоко ниво во последните 12 години

Злосторствата од омраза во САД на највисоко ниво во последните 12 години

Злосторствата од омраза низ САД минатата година се искачија на највисоко ниво во последните 12 години, пренесува „Њујорк пост“.

САД забележаа 7.314 злосторства од омраза во 2019 година, за разлика од 7.120 во 2018 година – и највисоко ниво во последните 12 години, според новиот извештај на ФБИ.

Педесет и едно лице биле убиени во злосторства од омраза во 2019 година – вклучувајќи ги и 22 убиени во масакрот во „Волмарт“ во Ел Пасо, за кој властите велат дека го извршил вооружен напаѓач чија мета биле Латиноамериканците. Тоа е најголем број убиства мотивирани од омраза откако ФБИ започна да ги следи ваквите статистички податоци во раните 90-ти.

Годишниот извештај на ФБИ ги дефинира злосторствата од омраза како злосторства мотивирани од пристрасност заснована врз раса, религија или сексуална ориентација на една личност, меѓу другите категории.

Религиските групи се повеќе се мета, а официјалните лица забележале речиси 14 отсто зголемување на нападите против Евреите и еврејските институции, се наведува во извештајот. Тој наплив на насилство се почувствува сериозно во Њујорк, при што градоначалникот Бил де Бласио наложи зајакнување на полициските патроли по серијата напади минатата година.

ФБИ соопшти дека бројот на злосторства од омраза против Афроамериканците малку се намалил -од 1.943 на 1.930 – но злосторствата против Латиноамериканците се искачиле на 527 во 2019 година од 485 во 2018 година. Речиси 17 отсто од сите злосторства од омраза биле мотивирани од сексуална ориентација – бројка што останува релативно стабилна.

Минатата година, помалку од 15 отсто од околу 15.000 агенции пријавиле податоци за злосторства од омраза до ФБИ, а бројот на агенциите кои учествувале во програмата на бирото се намалил.

Министерството за правда веќе долго време е фрустрирано од неуспехот на многу организации за спроведување на законот да ги пријават злосторствата од омраза. Истрагата на Асошиејтед прес во 2016 година откри дека повеќе од 2.700 оддели низ целата земја не успеале да достават никакви извештаи за злосторства од омраза до ФБИ во претходните шест години.

„Вкупната сериозност на влијанието и штетата предизвикана од злосторства од омраза не може целосно да се измери без целосно учество во процесот на собирање податоци на ФБИ“, рече во изјавата претседателот на Лигата за борба против клевета, Џонатан Гринблат.

Лигата против клевета е меѓу групите кои ги повикуваат конгресните и полициските службеници на национално ниво да го подобрат пријавувањето на злосторствата од омраза и собирањето податоци.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Зеленски верува дека војната ќе заврши во 2025 година

Путин потпиша закон за отпис на кредитни долгови за учесниците во специјалната воена операција

33.000 домаќинства во Франција останаа без струја поради невреме