Утрински Весник
Македонија

Земјите од регионот во Охрид усвоија патоказ за борба против корупцијата и нелегалните финансии

Земјите од регионот во Охрид усвоија патоказ за борба против корупцијата и нелегалните финансии

Вицепремиерот задолжен за борба против корупцијата, Љупчо Николовски, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и министерот за правда Бојан Маричиќ, денеска во Охрид заедно со делегациите на антикорупциски органи од регионот, го усвоија Регионалниот патоказ за борба против корупција и нелегални финансиски текови за Западен Балкан.

Овој патоказ ќе се фокусира на неколку клучни области како што се јавните набавки, системите за обелоденување на имот, приходи и камати и создавањето на специјализирана оперативна мрежа на обвинители за корупција и економски криминал, агенциите за спроведување на законот и единиците за финансиско разузнавање во регионот. Оваа мрежа ќе се фокусира на проактивно таргетирање на типологиите на криминал како што се кривичните дела за корупција, криумчарење пари, перење пари преку секторот за недвижнини, корупција во спорт.

Вицепремиерот Николовски во своето обраќање посочи дека усвојувањето на овој патоказ е важно за ефикасно и практично спроведување на постојните препораки и приоритети за борба против корупцијата и нелегалните финансии во Западен Балкан.

„Патоказот ги вклучува и разработува препораките содржани во извештаите на Европската комисија и ЕУ Директивите, со посебен акцент на перењето пари, поврат/конфискација на имот и борбата против корупцијата и организираниот криминал“, изјави Николовски.

Министерот за внатрешни работи, Спасовски посочи дека седум години по Берлинскиот процес како платформа за соработка, Западен Балкан е на чекор поблиску до европската интеграција, остварувајќи реален прогрес во реформскиот процес.

„Борбата против корупцијата и нелегалното финансирање опфаќа широк спектар на области на дејствување и повеќе засегнати страни на национално, регионално и на меѓународно ниво. Координирањето на ангажманот во сите овие области и на сите овие засегнати страни би било обемно и нецелисходно, но еден насочен пристап, со утврдени заеднички приоритети, при што нивната реализација ќе се одвива постепено, е нешто што би било поефективно и реално изводливо“, истакна Спасовски.

Министерот за правда Маричиќ, во своето обраќање потенцираше дека континуирано се работи на меѓуинституционалната соработка, во насока градење на функционален систем за борба против корупција и криминал.

„Континуирано работиме на зајакнување на меѓуинституционалната соработка, преку обезбедување соодветни платформи за размена на податоци, размена на искуства и интензивирање на меѓународната соработка во борбата против корупцијата, преку активно учество во процесите и активностите на меѓународните организации и иницијативи. Градиме функционален систем за борба против корупцијата кој ги опфаќа сите државни институции почнувајќи од Министерството за правда, Државната комисија за спречување корупција, Министерството за внатрешни работи, Јавното обвинителство, па сѐ до Управата за финансиско разузнавање. Мора да градиме систем во кој ќе има ред и дисциплина, систем во кој институциите се функционални, а службите ефикасни“, изјави Маричиќ.

„Регионалниот патоказ за борба против корупција и нелегални финансии“, е усвоен во рамки на регионалниот форум организиран од Канцеларијата на Обединетите нации за дрога и криминал (УНОДЦ) во партнерство со Секретаријатот на Регионалната иницијатива за борба против корупција (РАИ) и во соработка со Владата на Република Северна Македонија преку Министерството за внатрешни работи и Кабинетот на заменик-претседателот задолжен за борба против корупцијата и криминалот, човечки ресурси и одржлив развој.

Можете да прочитате

Уништување на македонското знаме предизвика бурни реакции во јавноста

СДСМ најостро ги осудува инцидентите и сквернавењето на македонското знаме

ВМРО ДПМНЕ: Арсовска е креаторот и изворот на хаосот во јавните претпријатија и во Градот Скопје