Утрински Весник
Свет

Земан: НАТО е залудно трошње пари, да се фокусираме на националната одбрана

Земан: НАТО е залудно трошње пари, да се фокусираме на националната одбрана

Чешкиот претседател, Милош Земан, изјави дека мисијата на НАТО не успеала во Авганистан и ја повика неговата земја да се фокусира на националната одбрана, а не, како што кажа, да троши пари за тој воен сојуз.

Земан посочи дека главната улога на НАТО е борбата против глобалниот тероризам, но дека алијансата не успеала во таа задача, пренесува „Ројтерс“.

„Недовербата кон НАТО ќе се зголеми во многу земји -членки по ова искуство, бидејќи тие ќе речат – ако не успеавте во Авганистан постои ли гаранција дека нема да направите грешка и во друга критична ситуација“, истакна Земан.

„Сега кога инвестирањето во НАТО е само залудно трошење пари, нашите трошоци за одбрана треба да се фокусираат на националната одбрана и воените набавки“, смета чешкиот претсдател.

НАТО денеска објави дека талибанците не смеат да дозволат Авганистан повторно да стане жариште на тероризмот и предупреди дека алијансата ја задржува воената моќ и дека може да ја нападне секоја терористичка група.

Според чешкиот устав, претседателот е врховен командант на чешките вооружени сили, но владата е таа што ја одредува одбранбената политика.

Можете да прочитате

Реакција на Маск по објавата на документите за Епстин во кои се споменува неговото име

Најмалку 12 Палестинци загинаа во израелски напади во Газа

Украина соборила 64 руски дронови, Русија уништила 26 украински дронови