Итни препораки за соработка, донесување на мерки и координација меѓу надлежните институции, за да се заштитат на жените кои претрпуваат семејно насилство во услови на криза и вонредна состојба, бара Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените, ЕСЕ. Тоа поднесе препораки и барања за итно постапување од страна на Владата и сите надлежни министерства и институции.
Дел од барањата се: Владата во соработка со МРТ да ги информира граѓаните за потребата од пријавување на случаи на семејното насилство, а во соработка со сите мобилни оператори да може да се достават СМС пораки за пријавување на насилство; претпријатијата кои издаваат сметки за струја и вода, да вметнат кратка информација за можниста за пријава, поголемите синџири на супермаркети да дистрибуираат лифлети со кратко инфо за заштита од семејно насилство, а лицата кои немаат ТВ и мобилни апарати и живеат во супстандардни услови, без пристап до струја и вода, да се информираат преку локалните кризни штабови.
„За обезбедување на заштита на жените кои претрпеле семејно насилство Владата да формира посебен кризен фонд за заштита за покривање на трошоците за нивно згрижување, а МТСП итно да достави информации до ЦСР за засилена соработка со граѓанските организации каде жртвата го пријавила насилството. Воедно, МВР да наложи итност во постапувањето на надлежните инспектори и излегување на терен во семејствата во кои се случило насилството.
Министерство за правда, во соработка со Советот на јавни обвинители и ЈОРСМ, да достави информации до ОЈО за итност во постапувањето во кривичните постапки за овие сторени кривични дела, а Министерството за здравство веднаш да достави до здравствените установи информација за обезбедување на бесплатни здравствени услуги за жените кои претрпеле семејно насилство“, стои во соопштението на ЕСЕ.
Барањата се упатени до првите луѓе на Владата, на МТСП, МВР, Министерството за правда и Министерството за здравство.