Утрински Весник
Македонија

Здружение на историчарите: Заедничкото чествување на Гоце Делчев е фатален удар врз македонската самобитност

Здружение на историчарите: Заедничкото чествување на Гоце Делчев е фатален удар врз македонската самобитност

Здружението на историчарите на Република Македонија изразува револт и загриженост по повод најавите дека Бугарија и Република Македонија подготвуваат заедничко чествување на 150-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев.

„Доколку е навистина донесена ваква политичка одлука, таа би претставувала фатален удар врз македонската самобитност. Гоце Делчев бил еден од главните идеолози на македонската револуционерна борба од крајот на 19 и почетокот на 20 век, којшто документирано се борел и стремел за создавање на независна македонска држава, и не постои ниту еден единствен документ дека некогаш се залагал за обединување на Македонија кон Бугарија“, е наведено во писменото соопштение од Здружението на историчарите во земјава.

Тогаш, дополнуваат од таму, се поставува прашањето на што се должи и како се оправдува потребата од заедничко чествување на Гоце Делчев?

„Дали заедничкото чествување значи дека македонската страна ги прифаќа делумно или целосно бугарските тези дека Делчев бил Бугарин кој се борел за автономија на Македонија како етапа кон нејзино обединување со Бугарија? Дали со политичка одлука за заедничко чествување на Гоце Делчев, македонската и бугарската страна се водат според некој нов договор за којшто јавноста сè уште не е известена? Дали со политичкиот чин на заедничко чествување на великанот на македонската борба за независност и самостојност, македонската страна ја признава бугарската теза дека Македонците се вештачка коминтерновска творба и широко ја отвора вратата за идно прифаќање на останатите бугарски тези со кои се оспоруваат македонската историја, македонскиот идентитет и македонскиот јазик и самото постоење на македонскиот народ?“, прашуваат од здружението.

Појаснуваат дека Здружението на историчари на Република Македонија, ќе организира серија научни трибини, тркалезни маси, предавања и пригодни настани, со кои ќе ја одбележи 150-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев, како и јубилејот 70-годишнината од своето основање во 1952 година.

Можете да прочитате

Следната недела разговори за зголемување на минималната плата

УХМР: Од петок студен бран во Македонија – се очекуваат поројни дождови

Уште еден земјотрес ја стресе Македонија