Скопје, 7 април 2020 (МИА) – По повод Светскиот ден на здравјето – 7 Април, Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените – ЕСЕ упати порака – солидаризирајте се за универзални јавни здравствени политики во Европа.
– Резултатите од намерното воведување практики и политики на штедење во здравствениот сектор, од земјите членки на Европската унија и воопшто земјите од Европа, се драстично видливи денес кога јавните здравствени системи се соочуваат со неуспех во обезбедувањето на јавните здравствени услуги. Оваа состојба се јавува и покрај храброста и саможртвувањето на работниците. Повикуваме лекциите научени како резултат на кризата да не се заборават по нејзиното завршување. Здравјето не е трошок и стока продажба, тоа е инвестиција, се вели во соопштението од Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените – ЕСЕ.
ЕУ и земјите од Европа, како што се наведува, сепак може да ја надминат оваа криза со радикално менување на пристапот кон здравствениот сектор.
– Здравјето не може да зависи од директивите на Европската комисија, Советот на министри и воопшто Владите во земјите од Европа. Здравјето не може да зависи ниту од директивите на Европската централна банка, Меѓународниот монетарен фонд и други финансиски институции, кои ја направија ЕУ и земјите од Европа обичен субјект за економска контрола и наметнување на мерки за штедење што оди во прилог на меѓународните финансиски институции и индустрии, стои во соопштението.
ЕУ и земјите од Европа, како што се наведува, задолжително треба да прераснат во субјекти кои треба да обезбедат социјална солидарност помеѓу граѓаните. Оваа солидарност мора да се базира на силни јавни услуги кои можат да одговорат на опасностите со кои можеме да се соочиме и можат да гарантираат обезбедување на вообичаените услуги за целото население. Парламентот, како претставничко тело
на граѓаните, мора да има централна улога во организацијата на оваа солидарност.
-Ова е цена која треба да ја плати Европа за да може да има иднина. Повикуваме на солидарност меѓу луѓето за отворање на границите и за свесност за нашата заедничка судбина: универзални јавни здравствени услуги. За Европа бараме јавна здравствена услуга која се заснова на солидарност, универзалност и достапност за секој и насекаде, стои во соопштението.
Од Здружението ги повикуваат граѓаните да ја покажат својата поддршка преку, како што велат, „ширење солидарност, а не вирус“. Повикуваат граѓаните да се вклучат во акцијата „бел лист“ на 7 април. Да постават бел лист со слоган на видливо место или да направат постер во својот дом и да се фотографираат себе си со своите пораки. Потоа нив да ги постават на социјалните медиуми, со додавање на ознаката #health4all, да ја упатат
пораката до политичките лидери и да ја постават својата порака на следната интерактивна мапа. мд/