Скопје, 9 јуни 2020 (МИА) – Здружението „БОРКА – За секој нов ден” стана полноправен
член на „Think Pink Europe”, една од најзначајните и најголемите европски организации за борба
против рак на дојка. (https://www.thinkpinkeurope.org/)
– Од оваа година нашата традиционална розова прошетка посветена на борба против ракот на
дојка – Напред розово ќе прерасне во RACE FOR THE CURE, соопшти Здружението.
RACE FOR THE CURE е најголем настан (трка) во светот во борбата против ракот на дојка.
Првата трка се одржала во 1983 година, во Далас со 800 учесници, што било неочекуван успех.
Денес, еден милион луѓе учествуваат во повеќе од 140 градови низ целиот свет. Овој спортски и
хуманитарен настан ги обединува луѓето погодени од карциномот на дојка и нивните семејства,
пријатели и симпатизери. За време на трката оздравените го слават животот, додека учесниците ја
даваат својата поддршка на најблиските. Заедно тие се сеќаваат на оние кои ја изгубиле битката
со најчестиот вид карцином кај жените.
Поради пандемијата со корона вирусот „Think Pink Europe“ развива дигитална платформа со
цел трката „Race for the Cure” да се одржи онлајн низ цела Европа, во соработка со сите
индивидуални организации и членки. И покрај тоа што сите спортски настани се откажани, RACE
FOR THE CURE ќе биде успешна дигитална приказна што ќе ни помогне да ја надминеме оваа
тешка година и да понудиме решенија за иднината.
Настанот ќе се одржи на 25, 26 и 27 септември оваа година. Во исто време, во различни
делови на Европа, се очекува учество да земат околу 500.000 учесници. Регистрацијата на европско
ниво ќе започне на 15 јули на официјалната страна www.raceforthecure.eu. Платформата е уникатна,
изработена специјално за трката и ќе биде преведена на 17 светски јазици, меѓу кои и македонскиот.
При регистрацијата, ќе може да се избере личност или мотив за учество, да се остави
персонализирана порака, да се испрати слика или видео за поддршка на одредена организација
(локална болница, здравствен работник, пациент), се наведува во соопштението од „Борка“
На пациентите со карцином повеќе од кога било им е потребна нашата поддршка. Според
СЗО (Светската здравствена Организација) на глобално ниво во 2018 година бројот на
новодијагностицирани од карцином на дојка биле два милиона 88 849 нови случаи, додека бројот на
смртност бил 626. 679. Во Македонија се дијагностицираат три до четири случаи секој ден.
Здружението „Борка“ ги поканува сите граѓани, активисти, волонтери, поддржувачи и излекувани од оваа болест да се придружат и да чекорат или трчаат во нивното соседство или град во чест на оние
кои се борат, како и во чест на оние кои ја изгубиле битката со карциномот на дојка и прерано
не напуштиле.
Наскоро ќе бидат објавени и дополнителни информации во врска со настанот, како и со начините
како да граѓаните да бидат дел од него. ев/са/