Кочани, 4 март 2019 (МИА) – Општина Кочани ќе потроши близу два милиони денари за овогодишната кампања за третман против комарците, што е зголемување за околу 20 отсто во однос на минатата година.
Парите се обезбедени од општинскиот буџет, во согласност со годишната Програма за здравствена заштита на населението, а се планира прскањето против комарците да се реализира терестијално, односно од земја и авионски, според однапред подготвен план.
-Во моментот тече рокот на јавната набавка за фирма што треба да ја изврши услугата, како и да ги набави инсектицидот и ларвицидот што се одобрени од Бирото за лекови и дозволени за третирање против комарците. Двете третирања ќе се реализираат одделно, односно со прскањето од земја, ќе се опфати површина од околу 1200 хектари во централното градско подрачје, приградските населби и дел од населените места во општината. Ларвицидниот третман ќе биде по течението на Кочанска Река, низводно од акумулацијата Гратче, како и од градот во правец на сливот на реката. Со авионското прскање, пак, се планира да биде опфатена површина од 3400 хектари, во градот и низинскиот дел од општината, истакна Александар Јосифов, секретар на Општина Кочани.
Според Јосифов, Општина Кочани самостојно ќе го реализира прскањето против комарците, иако во претходните години соседните општини најавуваа договарање за да биде во приближно ист временски период заради поголема ефикасност.
Се планира првиот третман за дезинсекција да се спроведе кон крајот на мај или на почетокот на јуни, во зависност од временските услови. та/хс/