Маж и жена, државјани од Косово, фалсификувале ПЦР тестови и прикажувајќи ги како негативни, се обиделе да излезат од државата. Ги очекува условна казна затвор од две години и протерување од РСМ во период од 5 години. За двајцата косовски државјани, Основното јавно обвинителство- Скопје поднесе обвинителен предлог, за кривично дело – Фалсификување исправа од член 378 став 1 од Кривичниот законик.
„На 22 февруари на Меѓународниот аеродром-Скопје, на граничниот премин, при излез од државава, пред овластените службени лица за проверка на пасошите, двајцата сопружници употребиле лажни потврди за негативни ПЦР-тестови за SARS-CoV-2 вирус. Иако знаеле дека се лажни потврдите издадени од една лабораторија во Скопје, тие ги прикажале како вистински“, стои во соопштението на ОЈО.
Се додава дека, откако признале вина, Основниот кривичен суд-Скопје донел пресуда за двајцата обвинети, прогласувајќи ги за виновни. Изречена е условна осуда – казна затвор во траење од две години, која нема да се изврши, ако обвинетите за време од пет години не сторат ново кривично дело. Во исто време, на обвинетите им е изречена и казна – протерување од територијата на РСМ во траење од пет години.
Инаку, користењето на лажни ПЦР тестови за патување надвор од земјава во изминатиов период зазема загрижувачки димензии. На Меѓународен aеродром-Скопје и пред три дена, како што информираше МВР, полициските службеници, открија шест лица кои при излез од земјава приложиле фалсификувани негативни ПЦР тестови, по што биле приведени и задржани за понатамошна постапка. Исто така, претходно, на граничниот премин „Деве Баир”, се лишени од слобода шест лица од Скопје, поради сомнение за кривични дела „непостапување според здравствените прописи за време на епидемија”, „фалсификување исправа” и „употреба на исправа со невистинита содржина”. Нивните негативни ПЦР тестови на нивно име, не биле издадени од соодветна клиника.