Во тек е вториот бран на корона вирусот, расте бројот на новозаразени, а со нив и бројот на лицата што одат во изолација и самоизолација. За еден месец, од 8 мај до 9 јуни, Министерството за внатрешни работи евидентирало 5.783 лица на кои им биле издадени решенија за изолација, а 2.216 потпишале изјави за самоизолација.
Нивниот број почнува да расте на 29 мај и од тој ден наваму се бележи трендот на троцифрени бројки на дневно ниво за лица кои одат во изолација и самоизолација.
Од 4 до 8 јуни, кога и беше воведен полицискиот час поради верскиот празник Духовденска Задушница, по однос на овие мерки, регистрирани се 2.083 лица во изолација и 659 во самоизолација. За време на карантинскиот викенд направени се 609 прекршоци на полицискиот час, а евидентирани се и 1.776 лица што не носеле лична заштита на лицето.
Министерството за внатрешни работи за еден месец регистрирало 40 лица кои не ја испочитувале оваа мерка. При проверка, полициските службеници не ги затекнале лицата на адресите, кои тие ги пријавиле како место каде ќе престојуваат за време на изолација и самоизолација.
Во периодот мај – јуни, Основното јавно обвинителство Охрид поднесе предлог казна од 2.000 евра за 45-годишна охриѓанка, која не постапила според донесено Решение од Државниот санитарен и здравствен инспекторат, со кое и била определена задолжителна домашна изолација од 15 мај 2020 година. Само два дена подоцна, на 17 мај, при проверка од надлежните органи, обвинетата не била затекната во домот.
Казна од 2.000 евра е предложена и за едно лице од Радовиш кое исто така не ја испочитувало мерката за изолација. Напроти решението, откако на 30 март бил ставен во домашна изолација, на 4 април тој самоволно излегол од својот дом и отишол на прослава за новоизградена куќа, a потоа продолжил да се движи низ улиците на градот. Околу 12 часот подигнал пратка од пункт за достава на брзи пратки, по што се вратил дома. На 5 април од страна на ЈЗУ Центар за јавно здравје-Штип бил известен дека и самиот е лабораториски потврден случај позитивен на Ковид-19.
Највисока казна од 10.000 евра по однос на непочитување мерката изолација и самоизолација, побара Основното јавно обвинителство Скопје за поранешната директорка на Клиниката за кожни болести. Таа е обвинета за кривично дело – пренесување заразна болест, откако по враќањето во државава од Италија, не ги почитувала мерките и заклучоците на Владата, односно по враќањето од високо ризична земја со зголемен број на ковид-19 позитивни лица, не останала во 14-дневна домашна изолација.