За еден ден поднесени се над 50 барања од граѓани кои претрпеле штети од невремето кое пред два дена го погоди Неготино.
Од опшината информираат дека биле предизвикани големи и сериозни штети на објекти, инфраструктура, земјоделски површини.
„Со цел за подетално утврдување на фактичката состојба на терен и настанатите штети, општина Неготино формираше Комисија која со работа започна уште рано утринава и за само 1 ден поднесени се над 50 барања од граѓани кои претрпеле штети. Комисијата продолжува со работа и во наредните денови и сите граѓани можат да поднесат барање за проценка на штети“, соопштија надлежните од општината.
По прибирањето на сите барања, членовите на Комисијата ќе излезат на терен и ќе извршат соодветна проценка на пријавените штети.
Вчера Центарот за управување со кризи информираше дека тринаесет пожарникари со 3 противпожарни возила од Територијалната противпожарна единица Неготино и 6 пожарникари со 2 возила и 2 пумпи за испумпување на вода од Кавадарци, биле ангажирани за санирање на штетите по големото невреме кое го погоди Неготино.
Невремето траело 20 минути, а епилогот е паднати дрва, кровови од куќи и гаражи, паднати бандери, паднати фолии на земјоделци, со што причинета е голема штета.
Неготинчани коментираат дека вакво невреме на паметат.