Утрински Весник
Економија

За две години преку грантови отворени 2,5 илјади микробизниси, над 90 отсто од нив се се уште активни

За две години преку грантови отворени 2,5 илјади микробизниси, над 90 отсто од нив се се уште активни

Скопје, 24 февруари 2020 (МИА) – Две и пол илјади микро бизниси биле отворени во изминатите две години преку оперативните мерки за вработување. Од нив, 93 отсто што биле отворени во 2017 се активни, а се уште работат и 99 отсто микро бизниси отворени во 2018 активни. Со оперативните мерки во изминатите две години се постигнати околу 60 илјади нови вработувања. Поради добрите резултати за оваа намена за годинава се издвоени 1,4 милијарди денари.

-Ова покажува дека навистина оваа инвестиција за самовработување, отворање на микробизниси им дава шанса на младите луѓе од една страна да се самовработат, да станат активни на пазар на труд, но понатаму развивајќи го својот бизнис да станат и вработувачи и да вработат други млади лица или други невработени лица, изјави денеска вицепремиерката за економски прашања Мила Царовска која беше во посета на бизнис отворен со грант за самовработување.

Со оперативните мерки за вработување, додаде таа, во изминатиот период се вложени финансиски средства што даваат резултати, а искористеноста од страна на Агенцијата за вработување на финансиските средства изнесувала повеќе од 97 проценти.

-За 2020 година издвоени се 1,3 милијарди денари од Буџетот и уште од прилика 100 милиони од нашите партнери што постојано ги поддржуваат овие мерки за вработување, тоа се УНДП, УНОПС и останати партнери коишто навистина сметаат дека вработувањата во нашата држава се приоритет, истака Царовска додавајќи дека со сите мерки за вработување што директно инвестираат во преквалификација, доквалификација намален е процентот на невработеност од 22,1 на рекорден 17,1 процент.

На ваков начин, додаде Царовска, постигнати се околку 59.000 вработувања за само две и пол години.

Дополнителната заменик министерка за труд и социјална политика Санела Шкријељ рече дека оперативниот план со активни мерки за вработување има три главни фокуси, едниот фокус на млади до 29 години, вториот за еднаква застапеност на жени и мажи во однос на искористеноста на средствата и третиот на рамномерната регионална застапеност.

-Она што нас не радува изминатите две години е што гледаме дека мерките се навистина добро таргетирани во однос на искористеноста и потребите на младите и жените затоа што доколку зборуваме за реализација на мерките во 2019 година ќе видиме дека половина од вкупното учество во сите активни мерки за вработување се токму младите девојки и жени и тоа нас особено не радува имајќи ја предвид високата економска неактивност на жените во нашата држава, рече таа.

Таа појасни дека и за мерката субвенционирање и за сите останати мерки главен критериум е минимум 30 проценти учество на млади жени. -Реализацијата покажува дека половина од тие што ги користат мерките се млади жени што нас не охрабрува и упатува дека треба да продолжиме во овој правец. Во моментот е отворен повикот грантови за самовработување за 2020 година и само би ја искористила приликата да ги повикам и охрабрам сите млади девојки и жени да го следат овој пример и да аплицираат за оваа мерка, рече Шкријељ.

Директорката на Агенцијата за вработување Билјан Јовановска рече дека институцијата со која раководи е подготвена за реализација на Оперативниот план 2020 година. Информира дека во моментов се активни мерките практиканство и самовработување, и најави дека од оваа недела ќе стартуваат и останатите мерки.

-Ние сме тука на сите заинтересирани да им дадеме максимална поддршка за 2020 година да ги контактираме и да им кажеме кои се можностите, што може во оваа година и во иднина да ги искористат од страна на државата, рече Јовановска.

Таа истакна дека има голем интерес за мерката за самовработување и оти за само една недела имаме над 1.200 апликации.

-Иако имаме предвидено 1.364 самовработувања првично ние тука не застануваме. Исто како и во изминатата година доколку имаме голем интерес, а факт е дека има голем интерес, од Буџетот ќе се обезбедат дополнителни средства за оваа мерка и доколку има поголем интерес од предвидениот опфат истите ќе бидат реализирани и поддржани, рече Јовановска. сст/скс/

Изјава Царовска Шкријељ

Posted by MИА.mk on Понеделник, 24 февруари 2020

 

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Петрушевска до опозицијата: Седум години покажувавте огромна негрижа, а сега зборувате за социјална правда

„Сакам да работам“ до ДУИ и ВЛЕН: Дали вашата политичка војна треба да остави 10 илјади луѓе без работа

Демант од Групација на небанкарските финансиски друштва при Стопанската комора на Северна Македонија