Утрински Весник
Македонија

Захариева: Никој никогаш не го оспорувал идентитетот на Македонија

Захариева: Никој никогаш не го оспорувал идентитетот на Македонија

Софија, 13 мај 2020 (МИА) – Никој не ги спречува нашите соседи да се самоопределат, но тоа не може да се прави врз основа на историски лаги и антибугарска реторика, изјави бугарската министерка за надворешни работи Екатерина Захариева.

– Тоа самоопределување, таа нација што ја создаваат од 1944 година, не треба да се базира на лаги и антибугарска кампања, туку на вистината. Основата на нашиот договор е заедничката историја. Никој не го оспорува правото на Македонија да има држава и како да се самоопределува. Правото на самоопределување е човеково право, истакна Захариева за бугарската Нова ТВ.

Шефицата на бугарската дипломатија нагласи дека во сите документи, вклучително и оние на Европската унија за почеток на преговорите за членство со земјава, се споменува и Договорот за пријателство и добрососедство што Северна Македонија и Бугарија го постигнаа во август 2017 година.

Захариева смета дека заедничката бугарско-македонска Комисија за историски прашања мора да продолжи со својата работа.

– Поради изборна кампања не може да биде запрена работата на една експертска комисија, која не е политичка. Таа треба да продолжи со нејзината работа, истакна бугарската министерка за надворешни работи.

Неодамна бугарскиот европратеник Андреј Ковачев се закани дека Бугарија би можела да стави вето на стартот на преговорите на земјава со ЕУ, доколку заедничката историска Комисија не почне со работа до јуни.

Захариева минатата недела одби да го коментира ваквиот став на Ковачев, но потенцира дека инсистира Комисијата да продолжи со работа, додавајќи дека во текот на процесот на преговори на една земја за членство во ЕУ, потребна е согласност на секоја од државите членки на Унијата за отворање и за затворање на поглавјата и за целиот преговарачки процес.

Бугарската министерка во таа прилика додаде дека Бугарија со години е еден од најсериозните поддржувачи на Северна Македонија, но дека инсистира на исполнување на одредбите од Договорот за пријателство, добрососедство и соработка. сп/са/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Заплена на нелегални дрва, приведен и вработен од „Македонски шуми“

Што може да донесе утрешниот Конгрес на СДСМ?

Во Битола санирани проблемите од вчерашното невреме