Само зборови повеќе не се доволни, сакаме дела, изјави бугарската вицепремиерка и министерка за надворешни работи, Екатерина Захариева, по разговорот со специјалниот претставник на македонската влада за решавање на спорот меѓу Скопје и Софија, Владо Бучковски.
Таа вели дека разговорите за наоѓање решение ќе продолжат.
„Продолжуваме со разговори за изнаоѓање решение за преостанатите билатерални прашања со РС Македонија, како и решение за патот на РС Македонија кон нејзиното членство во ЕУ. Ова погрешно се нарекува вето затоа што е неодобрување на рамката за преговори. Ние сме во деликатна фаза од нашата врска“, рече Захариева.
Таа кажа дека бугарската позиција е јасна и дека бара гаранции за исполнување на Договорот за добрососедство, патоказ за негово спроведување, декларација дека нема претензии за македонско малцинство и употреба на јазикот според Договорот од 2017 година.
„Тоа го нема во преговарачката рамка и Бугарија не може да ја поддржи“, вели Захариева.