Велес, 19 април 2020 (МИА) – Здружението на спортски риболовци „Бабуна“ од Велес кое стопанисува со риверот Вардар 4 и Езерото „Младост“ за време на мрестот на поедини видови риби и годинава од 15 април до 31 мај забрани риболов на неколку специфични локации од овој поголем ривер во којшто се опфатени неколку реки. Воедно, неделава од 15 април со стапување на сила на забраната за риболов, Здружението ги засили своите контроли. Досега беа ангажирани тројца рибочувари од ЗСР „Бабуна“, а сега ангажирани се уште десет волонтери, кои ќе помош од полицијата посебно за време на полицискиот час, информира за МИА, Мартин Павлов претседател на ЗСР „Бабуна“од Велес.
Тој информира дека забраната за риболов на овој ривер е на следните специфични локации од Ревирот Вардар 4: на реката Бабуна: од влив во река Вардар 10 километри низводно до село Војница. По течението на реката Вардар: започнувајќи три километри пред Башино Село до Велес.
На Црна Река: од влив во река Вардар низводно до браната на акумулацијата „Тиквеш“.
На реката Брегалница е забранет риболов од влив во река Вардар два километри низводно.
На езерото „Младост“ од 15 март до 31 мај е забранет риболов поради мрест на рибата: на смуѓ и костреж од 15 април до 31 мај е забранет риболов на сом, а од 1 мај до 31 мај на црвеноперка и крап.
Инаку, ЗСР „Бабуна“ на почетокот на годинава по година и половина година пауза повторно ја доби концесијата да стопанисува со езерото „Младост“, која има важност за шест години и ќе трае до 2026.
Воедно претседателот на ЗСР „Бабуна“ Мартин Павлов им порачува на сите да се воздржат од рибокрадство за време на мрестот на рибата, а посебно за полицискиот час бидејќи против прекршителите ќе се превземат ригорозни санкции во соработка со полицијата која им помага при контролите.
Тој информира дека пред две недели на влив на река Брегалница во река Вардар во близина на село Ногаевци нивната рибочуварска служба открила и запленила од рибокрадци три мрежи во должина од по 5-6 метри и еден струк. ад/ев/