Утрински Весник
Македонија

Започнува јавна кампања за прогласување на Шар Планина за национален парк

Планинар синоќа залутал на косовска територија, утрово е пронајден во бачило

Центарот за едукација и развој (ЦЕД) во соработка со Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) и Програмата за животна средина на ОН (УНЕП) започнуваат со имплементација на јавната кампања за прогласување на Шар Планина за национален парк.

Кампањата на терен ќе се спроведува со директно вклучување, информирање и консултирање на локалното население, приватните бизниси и сите засегнати страни кои гравитираат на подрачјето на идниот национален парк, со цел да бидат добро информирани и запознаени што претставува национален парк, кои се придобивките, вклучувајќи ги и социо-економските аспекти и зошто Шар Планина треба час поскоро да се заштити со закон. Кон кампањата се приклучуваат и организациите од платформата „Пријатели на Шара” преку конкретни активности на терен и медиумска промоција, а добредојдени се да се вклучат со свои активности и сите други организации кои ја изразија својата желба да го помогнат процесот со потпишувањето на меморандумот за соработка.

За детално информирање на населението во рамки на проектот, во согласност со Планот за комуникација, предвидени се низа активности и изработени различни промотивни материјали.
Кампањата ќе започне со „Патувачко кино“ во руралните средини на идниот национален парк со проекција на промотивното видео и дискусија со локалното население, а ќе продолжи со организирање тематски форуми со засегнатите страни на различни теми, како што се ловството, туризмот, руралните активности и др.

За подобро разбирање на процесот, ќе биде спроведена и јавна презентација на Студијата за валоризација на Шар Планина, а ќе се обезбеди и поголема застапеност на темата во медиумите преку гостувања и интервјуа со експерти од различни области, редовни брифинзи на новинари за процесот, како и објавување на колумни на експерти и поддржувачи.

За подобра презентација на Шар Планина и на нејзините убавини за кои се слуша надалеку, ќе бидат организирани прошетки низ природните убавини на Шар Планина, ќе се изработат и фотоприказни од успешни локални претприемачи и истите ќе бидат споделени во социјалните медиуми.
Со цел да се обезбеди висок степен на транспарентност на процесот, на веб страниците на МЖСПП се отворени посебни потстраници каде се објавени документите поврзани со процесот се достапни на следниот ЛИНК.

Јавната кампања за прогласување на Шар Планина за национален парк се спроведува во рамки на проектот: „Постигнувањето на заштита на биолошката разновидност преку создавање и ефикасно управување со заштитени подрачја и интегрирање на биолошката разновидност во планирање на користење на земјиштето”, финансиран од Глобалниот фонд за животна средина (ГЕФ), а имплементиран преку Програмата за животна средина на Обединети Нации (УНЕП), регионалната канцеларија во Виена и Министерството за животна средина и просторно планирање на Северна Македонија како главен партнер и корисник. Центарот за едукација и развој (ЦЕД) е локален партнер одговорен за спроведување на Јавната кампања. Дел од активностите се поддржани и од Германското друштво за меѓународна соработка (ГИЗ), а во спроведувањето се вклучени и Македонско еколошко друштво (МЕД) и платформата „Пријатели на Шара“.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Филипче по Конгресот: Одлична енергија, нова сила и ентузијазам!

ВМРО-ДПМНЕ: Филипче не може да биде новото лице на СДСМ, тој и неговите луѓе се синоним за корупција и криминал

Фани Каранфилова Пановска е нов заменик претседател на СДСМ