Владата на Република Северна Македонија на денешната 43-та седница донесе одлука за целосно изземање од забраната за движење за сите лица со попреченост со придружници. За да го остварат ова свое право, за овие лица нема да се издаваат посебни дозволи и доволно ќе биде со себе да имаат медицинска белешка која ќе треба да им се презентира на полициските службеници доколку за тоа се укаже потреба.
На оваа своја седница Владата ја разгледа и усвои Информација за текот на подготовката на Проектот за итно справување со KОВИД-19 во Северна Македонија.
Корисници на проектот ќе биде целокупното населението земајќи ја предвид природата на заболувањето, заразените лица, популацијата под ризик, особено старите лица и лицата со хронични болести, медицинскиот персонал, медицинските институции и институциите за тестирање како и јавните здравствени институции ангажирани за справување со КОВИД-19 во Република Северна Македонија. Како корисници ќе се вклучат и лицата кои имаат потреба од ублажување на социјалното влијание (социјална заштита).
Владата го задолжи Министерството за финансии да ја подготви и да ја достави до Светска банка Апликацијата за избор на услови за обезбедување на заем од Светска банка за Проектот за итно справување со KОВИД-19.
На денешната седница е донесена Уредба со законска сила за дополнување на Уредбата со законска сила за примена на Законот за превоз во патниот сообраќај за време на вонредна состојба, со која се утврдува дека при вршење на јавниот превоз на патници, за време на траење на вонредната состојба, превозникот во возилото е должен да го организира превозот со задолжително одржување на растојание од најмалку два метри меѓу патниците и може да има најмногу 50% патници од вкупниот број на седишта, не сметајќи го седиштето на возачот.
Уредбата предвидува дека глоба во износ од 250 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршок на физичко лице ако врши превоз на патници спротивно од оваа уредба со законска сила, додека глоба во износ од 500 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршок на физичко лице-трговец поединец и правно лице ако врши превоз на патници спротивно на член 3-а од оваа уредба со законска сила. На одговорното лице во правниот субјект ќе му се изрече глоба во износ од 150 евра во денарска противвредност, утврдува уредбата.
Согласно оваа Уредба трговецот е должен да обезбеди редарска служба при влезот и во внатрешноста на објектот, за да се запази минимум потребното растојание помеѓу лицата пред и во објектот и да обезбеди спроведување на дезинфекција за раце при влез во објектот.
Уредбата определува дека трговецот е должен да постави соодветни ознаки со кои се обележува правецот на движење и запазување на минимум потребното растојание при чекање ред на лицата пред и во објектот. Ознаките се поставуваат на растојание од два метри и тоа пред секоја каса за наплата и пред влезот на објектот.
На предлог на Министерство за економија, Владата ја донесе Уредбата со законска сила за примена на одредбите од Законот за минерални суровини.
Причината за донесување на Уредбата е во насока на одложување на примената на одделни одредби од Законот за минерални суровини за време на траењето на вонредната состојба настаната заради епидемијата предизвикана од вирусот КОВИД-19, а со цел да се создадат услови за непречено продолжување со работа по завршувањето на вонредната состојба без претходно концесионерите да имаат импликации по доделените концесии заради неможноста за исполнување на конкретни обврски од Законот за минерални суровини.
Целта на донесувањето на Предлог Уредбата е пролонгирање на законските рокови предвидени со Законот за минерални суровини, а чие неисполнување може да биде причина за едностран раскин на доделена концесија, како и на одредби за кои обврските кои произлегуваат од истите не можат да се реализираат за време на траењето на вонредната состојба.
На денешната седница е донесена и Уредба со законска сила за примена на Закон за донации и за спонзорства во јавните дејности.
Донесувањето на оваа уредба е со цел поедноставување и скратување на постапката за евидентирање, отчетност и контрола, во делот на заштита на јавниот интерес, во случај на донации чија цел е поддршка на здравството со цел да се решат состојбите што се предизвикани на територијата на Република Северна Македонија од коронавирусот КОВИД-19.
Имено, согласно членот 21 став 1 од Законот за донации и за спонзорства во јавните дејности, на барање за потврдување на јавен интерес поднесено од давателот или примателот на донацијата, Министерството за правда издава решение со кое го потврдува јавниот интерес на дадената донација или спонзорство.
Со оваа уредба со законска сила се предлага давање на донација на Министерството за здравство, како примател на донација чија цел е поддршка на здравството со цел да се решат состојбите што се предизвикани на територијата на Република Северна Македонија од коронавирусот КОВИД-19, да се смета за донација од јавен интерес согласно овој закон, за која не се спроведува постапка за потврдување на јавен интерес.
Министерството за правда предложи, а Владата донесе Уредба со законска сила за изменување и дополнување на Уредбата со законска сила за примената на Законот за извршување за време на вонредната состојба.
Донесувањето на оваа уредба е со цел изменување и дополнување на уредбата со законска сила за примена на Законот за извршување за време на вонредната состојба („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.86/20) од 1.04.2020 година со која беше регулирана примената на Законот за извршување во делот на исклучоците за постапувања на извршителите во услови на вонредна состојба.
Со предложената уредба со законска сила се создава систем и можност за поединечно ослободување на секоја поединечна сметка на должниците, од страна на извршителите со цел непречено да ги користат во целост средствата од своите плати, пензии, но и секој тип на помош која се одобрува во овие вонредни услови на пандемија на КОВИД -19. Целокупниот процес ќе се одвива електронски во склад со мерките и препораките од заштитните мерки на Владата.
Владата на Република Северна Македонија ја разгледа и усвои Информацијата за примената на Законот за отпис на каматите и репрограмирање на долгови и трошоци на физичките лица.
Со заклучок, Владата го задолжи Генералниот секретаријат да ги повика сите државни органи, органите на државната управа, организациите утврдени со закон, органите на општините, на градот Скопје или општините во градот Скопје, како и јавните претпријатија во државна или јавна сопственост, кои се утврдени како доверители во извршните исправи кои се дадени за извршување пред извршителите заклучно со 31.12.2017 година, да ги интензивираат активностите за отпис на каматите и за репрограмирање на долговите согласно законот, со оглед на тоа што рокот за истото истекува на 18.05.2020 година и да ги известат извршителите во законски предвидениот рок за прецизираните барања за извршување.
Владата денеска ја донесе и Уредбата со законска сила за изменување и дополнување на Уредбата со законска сила за примена на Законот за заштита на децата за време на вонредна состојба, со цел правото на посебен додаток остварено врз основа на издадените наоди, оцени и мислења од соодветен стручен орган, во кои е препорачан контролен преглед, односно повторен преглед – контрола или рекатегоризација во периодот на траење на вонредната состојба, да се продолжи за време на траење на вонредната состојба, како и два месеци од денот на престанок на вонредната состојба, во услови на секојдневно заострување на мерките на Владата за спречување на ширењето на вирусот во државата (КОВИД-19), што го ограничува нормалното движење на граѓаните и функционирање на реалниот сектор.
___________________________________________________________________________
МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.