Скопје, 5 март 2020 (МИА) – Судиите кои намерно ќе застарат предмети, како што имаме случаи во Врховниот суд, но и во други судови во државава по автоматизам ќе бидат разрешени, рече на денешната прес-конференција лидерот на СДСМ, Зоран Заев најавувајќи нови реформи во правосудството по формриање на новата влада.
Тој потсети на мотото „Правда за сите“, кое беше еден од темелите со кои СДСМ излезе на изборите во 2016 година.
Најави дека предметите ќе се следат електронски, па ако се утврди дека некој во судството не постапувал со цел да застари предметот, како што рече Заев, ќе се вклучи аларм и тој судија или обвинител ќе биде разрешен по автоматизам, а Судскиот совет и Советот на јавни обвинители ќе имаат задача тоа да го констатираат.
-Започнуваме со детална проверка на имотнатата состојба на судиите и јавните обвинители. Следува проверка на 5 отсто од сите судските пресуди во последните пет години, по случаен избор, истакна лидерот на СДСМ и додаде дека како политичка партија и како политички концепт не отстапуваат милиметар од целта – правна држава, ред, правда и дисциплина.
Најави дека веднаш по создавањето на новата влада ќе повлечате неколку чекори за, како што рече „уште еднаш да се увериме дека патот на судиите и јавните обвинители кон правдата и независното постапување е отворен и тие ќе постапуваат“.
Законот за Јавното обвинителство, како што посочи Заев, гарантира дека политиката не може да интервенира во правосудските предмети и дека сите предмети од висока корупција мора и ќе имаат судска завршница. вј/дма/