Скопје, 11 февруари 2020 (МИА) – Ги повикувам сите 120 пратеници во Собранието да бидат на висината на одговорноста што овој историски ден им ја носи. Да се обединат околу она што значи остварување на една од двете стратешки цели поставени уште од независноста во далечната 1991 година и денеска да ја поддржат ратификацијата на Протоколот за НАТО, се работи за иднината на сите наши деца, рече на денешната прес-конференција претседателот на СДСМ Зоран Заев.
Овде, додаде тој, не станува збор за политички партии, туку за животот на луѓето, за сегашноста и за иднината.
– Денеска Собранието не го ратификува само северноатлатнскиот договор за пристапување во НАТО, денес Собранието ја ратификува сигурноста и стабилната иднина на сегашните и идните генерации, рече Заев.
Според него, денеска пред пратениците во Собранието е најважниот документ од независноста до денес.
– Целиот наш народ сите наши граѓани се горди на овој историски успех. Северна Македонија 30-та земја членка на НАТО. Македонци, Албанци, Турци, Срби, Роми, Власи, Бошњаци, сите останати граѓани на нашата убава татковина, заедно сме рамо до рамо со најсилните, најмоќните демократски држави во светот. По години и децении, патешествија, блокади, режими, стагнации, изолации, по години издржувачки преговори, конечно го отворивме патот до членството во НАТО. Успеавме за сите наши граѓани. По 26 години спор постигнавме договор кој го запечати нашиот македонски идентитет кој беше оспоруван. Македонци, од Република Северна Македонија, кои говорат македонски јазик, и имаат своја македонска култура, признаени од целиот свет, наведе Заев.
Тој вели дека НАТО не е само безбедност и сигурност, туку е многу повеќе, како што рече, инвестиции, пристап до нови пазари, нови работни места, и повеќе пари кај граѓаните.
– Уште со договорот од Преспа и со потпишувањето на Протколот за пристапување од страна на членките на НАТО почнаа да се чувствуваат економските придобивки, да растат инвестициите… Најавите за враќање чекор назад се опасни, антизападни и антидржавни. Најавите за враќање назад се најави за враќање во времињата на изолации, на блокади, на ембарга и на вета, на кавги со соседите, времиња на несигурност и неизвесност. Нема шанси, нашата држава предолго беше таму и затоа ние нема да дозволиме повторно да се враќаме назад во мрачното минато. Тие еден чекор назад, ние три чекори напред. Нашето место е во ЕУ и НАТО, истакна Заев. мс/са/
Прес-конференција на Зоран Заев
Posted by MИА.mk on Вторник, 11 февруари 2020