Утрински Весник
Македонија

Заев: Поддршката за јасната перспектива на Северна Македонија како членка на ЕУ е најсилната мотивација за нашите реформи

Заев: Поддршката за јасната перспектива на Северна Македонија како членка на ЕУ е најсилната мотивација за нашите реформи

Во Владата се одржа редовниот годишен состанок на шефовите на дипломатските мисии на земјите членки на ЕУ во нашата земја на која премиерот Зоран Заев ги информираше амбасадорите за актуелните и најважни активности во процесот за интеграција на земјата во Европската Унија.

Премиерот Заев на состанокот истакна дека, имајќи предвид дека членството на Северна Македонија во ЕУ нема алтернатива за нас е важно, да го продолжиме дијалогот со Бугарија, во духот на меѓусебно почитување и во имплементацијата на договорот за пријателство преку поинтензивна меѓу-секторска соработка.

„ Истовремено остануваме цврсто определени за одредени прашања, кои се наши црвени линии, како што е македонскиот идентитет и македонскиот јазик, за нив не преговараме“, додаде премиерот Заев.

За време на дебатата, Заев ја поздрави изразената поддршка за проширувањето на ЕУ од страна на амбасадорката на Португалија, Вирџинија Пина, при што додаде дека е многу важен ставот на Португалското претседателство дека почетокот на преговорите со Република Северна Македонија се меѓу приоритетите и дека Португалија ќе направи се првата меѓувладина конференција со Северна Македонија да се одржи во првата половина на 2021 година.

Премиерот Заев ги сподели и очекувањата од сеопфатниот Економски и инвестициски план за Западен Балкан на Европската Комисија, кој ќе мобилизира финансирање до 9 милијарди евра за инвестиции во областите на транспорт, енергија, зелена и дигитална транзиција, за да создаде одржлив раст и работни места, поттикнувајќи го економскиот развој на земјата во постковид периодот што следува.

Претседателот на Владата Заев на состанокот со ЕУ амбасадорите изрази благодарност за поддршката на Брисел за вклучување на земјите од Западен Балкан во набавката на вакцини против КОВИД-19, и изрази очекување дека ќе има забрзување на оваа постапка како знак на континуитетот и солидарноста во справувањето со пандемијата.

„ Едногласната поддршка на амбасадорите на земјите членки на ЕУ за јасната перспектива на Северна Македонија како членка на ЕУ на состанокот е најсилната мотивација за нашите реформи за да ги донесеме европските вредности дома“, рече премиерот Заев на редовниот годишен состанок со шефовите на дипломатските мисии на земјите членки на ЕУ во нашата земја што денеска се одржа во Владата на Република Северна Македонија.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Никој не го отворил прашањето дека може без Албанците, вели Меџити за изјавата на Ахмети од Швајцарија

Нема да се гради асфалтна база во Визбегово, вели Меџити

Каранфилова – Пановска: Се надевам дека мојот ангажман ќе биде од голема помош