Србија ќе ни отстапи 8.000 вакцини од „Фајзер“, a потоа можеби и ковид-вакцини од другите производители.
Премиерот Зоран Заев соопшти дека ја прифатил понудената помош од Србија, преку претседателот Александар Вучиќ.
„Како што знаете, во последната недела дена бараме поддршка и од други земји, да ни дадат помош за да можеме час поскоро да почнеме, додека не стигнат првите 5.850 дози во февруари. Сакам да ја споделам оваа среќна вест со граѓаните, понудената помош од Република Србија, преку претседателот Вучиќ ја прифативме. Денеска разговаравме утрово со претседателот Вучиќ, тие прифатија да ни помогнат. Деталите ќе ги утврдиме во текот на денот. Знам дека она што можат да го потврдат е 8.000 вакцини од фајзеровите, а другите имаат договори кои што треба да ги проверат, клаузули дали можат тоа да го направат“, изјави Заев пред Граѓанскиот суд.
Српскиот претседател Вучиќ понудил вакцините да се доделат како донација, но Заев инсистирал тие да бидат платени, по што се договориле Македонија да ги добие вакцините по нивната набавна цена.
Во минатите недели, Бугарија и Грција сами се пријавија да ни отстапат дел од ковид-вакцините со кои тие ќе располагаат, но се уште нема ни трага од нивната помош за Македонија.