Премиерот Зоран Заев денеска оствари две одделни средби со германската амбасадорка Анке Холштајн и бугарскиот амбасадор Ангел Ангелов.
На средбата со германската амбасадорка било поздравено формирањето на новата Влада, со констатација дека истата веќе покажува ефикасност и посветеност во продолжување на важните државни и граѓански приоритети.
Заев упатил благодарност до канцеларката Ангела Меркел и до Германија, како една од најголемите пријателски држави, како и за посветеноста на германското претседателство со ЕУ, кон проширувањето на Унијата.
„Ова е целосно евроатлански определена Влада и ќе продолжиме да работиме во таа насока“, посочил Заев на средбата.
Станало збор и за мерките што продолжува да ги презема нашата држава за заштитата на јавното здравје и за предвидената натамошна поддршка на економијата.
Во овој контекст Заев се заблагодарил на Германија и на ЕУ за навремената помош и поддршката за земјата во справувањето со последиците од корона-кризата.
На средбата со бугарскиот амбасадорот Ангелов била изразена согласнот дека со Договорот за пријателство, добрососедство и соработка се поставени одлични темели за понатамошна соработка меѓу двете земји.
Посочено било и дека двете земји продолжуваат да ги остваруваат придобивките од заедничкото претседателство на Берлинскиот процес за Западен Балкан, во насока на олеснување и промовирање на конкретните чекори кон регионален економски развој, со цел надминување на економско-здравствената криза предизвикана од Ковид-19, како и соработка во останатите области.