Утрински Весник
Економија

Заев на средба со Сојузот на синдикати: Се стремиме кон иста цел- минимална плата од 20.000 денари

07092020 ПВРСМ Средба 2

 

Се стремиме кон иста цел – да реализираме минимална плата од 20.000 денари, со што го остваруваме и барањето на синдикатите за минимална плата која е речиси 60% од просечната плата, а просечната нето плата очекуваме да порасне до 34.000 денари до крајот на мандатот, истакна премиерот, Зоран Заев во изјавата за медиуми пред почетокот на денешната средба со претставници на Сојузот на синдикати.

„Целосно сме посветени на заштита на правата на работниците со новиот Закон за работни односи кој ќе ги содржи европските и светските тенденции во работно правните односи. Договорите за вработување на определено време ќе бидат само во исклучителни објективни услови и со траење до 1 година. Преку стабилизирање на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување гарантираме редовна и одржлива исплата на пензиите. Воведуваме можност и за предвремено пензионирање до максимум 5 години пред остварувањето на правото на пензија. Не ги забораваме ни ранливите категории. Ќе воведеме државна социјална пензија за секое лице над 65 години кое во последните 20 години живеело на територијата на нашата држава и не ги остварува условите за старосна пензија. Исто така, ќе овозможиме повозрасното земјоделско население, со стаж од 15 години и со старост од 64 години, да биде корисник на пензија“, истакна премиерот Заев.

Осврнувајќи се на заштитата и унапредувањето на првата на жените работнички, премиерот Заев подвлече дека посветено се работи на гарантирано враќање на истото работно место по породилно отсуство и задржување на истото во наредната година, како и на заедничко користење на родителско отсуство на двајцата родители за првите 1-3 месеци на породилното отсуство.

На крај, премиерот Заев ги увери претставниците на Сојузот на синдикати дека во време на пандемија со КОВИД-19, Владата ќе продолжи да ги презема сите потребни мерки за заштита на сите работници и нивните работни места.

„Нашата грижа за работниците и владеењето на работничките права продолжува со построга, темелна и редовна контрола на работното време. Недела ќе биде неработен ден за сите кои сакаат да бидат со своите семејства, а ќе обезбедиме и целосно остварување на правото на годишен одмор. Со оваа средба уште еднаш ја потврдуваме нашата силна волја да бидеме вистински социјален партнер на сите прогресивни чинители во нашата држава и да вложуваме во човечкиот капитал“, заклучи премиерот Заев.

Извор: Makfax

Можете да прочитате

Се подготвува новогодишната кошничка: Околу 600 производи еден месец ќе бидат по намалена цена

Годишен раст на зелените кредити од 7,4 % заклучно со септември 2024 година

Конференција „Управување со недостигот на работна сила во одредени занимања во Северна Македонија“