Скопје, 26 мај 2020 (МИА) – Време е за новата нормалност. Нашето општество мора да продолжи да функционира. Мерките се олабавуваат, надлежните институции потврдуваат дека епидемијата е под контрола. Вирусот ќе биде присутен подолго време и мора да научиме да живееме со него, објави претседателот на СДСМ Зоран Заев на Фејсбук откако Владата попладне на седница усвои одлуки за укинување на полицискиот час и за попуштање на рестриктивните мерки.
Во објавата на својот фејсбук-профил, лидерот на владејачката партија нагласува дека граѓаните, секој од нас, сега има уште поголема одговорност зашто, како што вели, битката не е завршена.
– Да бидеме внимателни и да се чуваме бидејќи со тоа ги штитиме нашите најблиски и го чуваме јавното здравје. Задолжително да ги почитуваме сите мерки – на тој начин спасуваме животи, напиша Заев на Фејсбук. хс/лв/