Утрински Весник
Економија

Заев: Комитетот за земјоделство се фокусира на системски мерки за продуктивно и одржливо земјоделско производство

Заев: Комитетот за земјоделство се фокусира на системски мерки за продуктивно и одржливо земјоделско производство

Денеска се одржа конститутивна седница на Комитетот за земјоделство, безбедност на храна, ветеринарство и фитосанитарна политика со кој претседава, претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев.

Премиерот Заев посочи дека ова владино тело е во целосна функција за креирање на системски решенија за примена на позитивни европски практики, кои ќе придонесат за предвидлив и поволен деловен амбиент за одржливо и продуктивно земјоделство.

На седницата на Комитетот се отворија повеќе теми од секторот земјоделство, за коишто беа презентирани идни мерки и активности. Во фокус на дискусијата беше начинот и постапките за продажба на земјоделско земјиште во државна сопственост, што е од исклучителна важност за земјоделците. Купувањето на земјиштето значи можност за нови инвестиции и производство, што ќе влијае на развојот на земјоделството и вкупната економија.

На оваа седница една од точките беше и воспоставување на концептот за развој на земјоделски осигурителен пул, кој согласно европските практики ќе придонесе за зголемување на процентот на земјоделското осигурување, што е од големо значење во услови кога има штети.

Дополнително се дискутираше за редизајнирање на интегрираниот административен контролен систем (ИАКС), во функција на спроведување ефикасни политики за имплементирање и мониторинг на мерките за директни плаќања и рурален развој.

Од страна на Агенцијата за храна и ветеринарство беше презентирана информација за превенција од евентуални опасности од африканската свинска чума и болеста син јазик, која што влијае врз намалување на добиточниот фонд.

На седницата на Комитетот учествуваа и вицепремиерот задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, министрите за земјоделство, шумарство и водостопанство, за здравство, за животна средина и просторно планирање, за финансии, за труд и социјална политика, заменик – министерот и државниот секретар во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, како и директорите на Агенција за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, на Агенцијата за храна и ветеринарство, на Агенција за поттикнување на развојот на земјоделството, Државен инспекторат за земјоделство, Фитосанитарна управа, ЈП Македонски шуми, ЈП за стопанисување со пасишта и на АД Водостопанство.

Беше заклучено дека во континуитет ќе се следат светските трендови во земјоделството и согласно тоа ќе се креираат соодветни мерки за унапредување на домашното земјоделство.

Извор: Makfax

Можете да прочитате

Од полноќ нови цени на горивата, по одлуката на Владата за намалување на ДДВ од 18 на 10 отсто

Утре започнува Конференцијата на високо ниво за централното банкарство во услови на светски промени

ВМРО-ДПМНЕ: Со новите мерки на Владата граѓаните заштедуваат околу милион и пол илјади евра неделно