Испративме категорични барања до социјалната мрежа Телеграм да ја избрише групата „Јавна соба“ и нема да престанеме да инсистираме на тоа барање сѐ до негово конечно исполнување, објави на социјалните мрежи премиерот Зоран Заев.
Како што вели тој, доколку апликацијата Телеграм не го затвори каналот „Јавна соба“ каде се споделува порнографска и приватна содржина од наши граѓани, како и детска порнографија, ќе се разгледаме и опцијата за блокирање или рестрикција на користењето на оваа апликација во Северна Македонија.
Испративме категорични барања до социјалната мрежа Телеграм да ја избрише групата „Јавна соба“ и нема да престанеме да…
Posted by Zoran Zaev on Четврток, 28 јануари 2021
„Нам како Влада ни на крај памет не ни паѓа да цензурираме комуникација, но ова е нешто друго и мораме да си ги заштитиме своите граѓани. Денес ова се случува на Телеграм, а утре можеби на некоја друга платформа, затоа ние имаме задача и обврска да направиме сѐ да обезбедиме соодветна реакција и од оние кои ги создале овие платформи каде се случуваат вакви кривични дела“, пишува премиерот.
Тој сепак изрази надеж дека нема да има потреба од рестрикции за Телеграм и дека уште денес платформата ќе одговори, на како што вели, бројните барања и ќе почнат да соработуваат.
„Сакам да упатам порака и до сите наши граѓани кои споделуваат слики и содржина на таа група во сопственост на други сограѓани, во истиов момент да престанете да го правите тоа и да излезете од таа група. На крајот на денот ќе ги добиеме податоците, ќе бидете обвинети и ќе одговарате за тоа што го правите“, вели Заев.
Тој упати и поддршка до сите што покажале солидарност и осуда за ваквите појави.
„Заштитата на приватноста е дел од генетскиот запис на секој човек, и денес, кога се одбележува Денот на заштита на приватните податоци, уште еднаш се соочуваме со заканите од глобални размери и уште еднаш сме повикани сите ние силно да застанеме против оваа појава“, додава премиерот.