Кочани, 26 мај 2020 (МИА) – Општина Кочани го заврши проектот за реконструкција на коловозот од локалниот патен правец што го поврзува градот со селата Горни Подлог, Долни Подлог и Мојанци.
Реконструираниот локален пат овозможува побезбеден приод за околу 1.500 жители од овој крај, со оглед што коловозот од три е проширен на 4,5 метри, а изграден е и тротоар од едната страна со ширина од 1,5 метар, кој може да се користи и како велосипедска патека.
–Како што беше најавено, следната фаза по завршувањето на реконструкцијата е осветлувањето на целиот патен правец. Тоа ќе му даде нов, урбан лик на овој рамничарски дел од општината и ќе биде убав пример како населените места треба да бидат поврзани со административниот центар, истакна Николчо Илијев, градоначалник на Кочани.
Градежните работи за проширување, преасфалтирање и за осветлување на делницата долга 3,5 километри се реализираа со грант од над 15 милиони денари што ги додели Швајцарската агенција за развој и соработка (СДЦ). Средствата се добиени како дополнување на проектот за изградената регионална пречистителна станица за отпадни води што е лоцирана во близина на селото Мојанци. та/мч/