Утрински Весник
Свет

Заврши потрагата по преживеани под урнатините во Измир

Заврши потрагата по преживеани под урнатините во Измир

Спасувачките екипи ги завршија активностите за преглед на урнатите згради по силниот земјотрес што минатата недела го погоди турскиот град Измир и соседните региони.

„ Завршени се сите активности за пребарување и спасување по земјотресот во Измир. Благодарни сме на сите поединци кои учествуваа во тоа. Продолжуваме внимателно да работиме на други активности за санација на земјотресот“, напиша на Твитер Мехмет Гулуоглу, шеф на Агенцијата за управување со вонредни состојби (АФАД).

АФАД утрово соопшти дека 114 луѓе загинаа, а повеќе од илјада се повредени како резултат на земјотресот во егејскиот регион на Турција. 137 повредени лица се задржани во болница.

Земјотрес со интензитет од 6,6 степени според Рихтеровата скала го погоди Измир и соседните региони во петокот, а во тој регион беа регистрирани 1.621 земјотрес, од кои 44 беа посилни од четири степени.

Спасувачките екипи спасија повеќе од 105 лица под урнатините, меѓу кои и тригодишната Елиф Перинчек, која беше извлечена од урнатините по 65 часа и четиригодишната Ајда Гезгин, која беше под урнатините 91 час.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Интерпол уапси повеќе од 1.000 осомничени за кибер криминал во Африка

На сила стапи договорот за прекин на огнот во Либан

Еден ден по несреќата во Црвеното Море пронајдени се пет преживеани