Националниот координатор за стратегиски комуникации во Владата, Марјан Забрчанец, преку видео врска учествуваше на регионална конференција посветена на отвореноста на извршните институции во регионот, што денеска се одржа во Подгорица.
За негувањето на принципите на транспарентност и отчетност на извршната власт говореа и претставници на владини институции и невладини организации од Црна Гора, Босна и Херцеговина и Србија.
Забрчанец говореше во рамки на панелот „Отвореност на извршната власт на Западен Балкан и Црна Гора“.
„Горди сме што повторно сме на прво место по отвореност и транспарентност во регионот. Да се биде на последно место во 2016 година, да се стигне до првото место и да се задржи првото место три години по ред, значи волја, одлучност, посветена работа и одговорност. Воспоставуваме правила и стандарди со цел транспарентноста понатаму да не зависи од политичката волја и од тоа кој е на власт, туку да стане востановена пракса која е задолжителна за секоја институција. Со креирањето и усвојувањето на стратегијата, Владата покажа сериозна намера отвореноста да ја инсталира како системско решение во сите институции”, истакна Забрчанец.
Националниот координатор за стратегиски комуникации потенцираше и дека одговорно владеење значи постојано унапредување на отвореноста и отчетноста на институциите и со тоа, како што кажа, кај демократските власти не смее да има компромис.
„Негувањето на принципот на транспарентност е прашање на одговорност на Владата. Ако сакате власт по секоја цена – ќе ги криете информациите, но ако сакате да работите во правец на унапредување на својата земја, ќе бидете транспарентни“, рече Забрчанец.