Општина Охрид ги започна градежните активности за подготовка на просторот во болничкиот комплекс каде што ќе биде поставена модуларната болница за третман и лекување на пациентите со ковид-19.
Согласно задолженијата на кризниот штаб на Општина Охрид, општинските надлежни служби во најбрз можен рок спроведоа тендерска постапка и беше избрана фирмата „МН-АС Констракшн” од Струга за реализирање на градежните активности.
На просторот каде што ќе бидат поставени монтажните објекти ќе биде извршен земјен ископ, тампонирање и бетонирање на подлогата. Исто така, ќе биде поставена водоводна и канализациска мрежа и ќе се спроведат приклучоци за електрично напојување.
Во текот на денешниот ден екипите на општинските јавни претпријатија спроведоа активности за чистење и подготовка на просторот.
Модуларната болница ќе има капацитет од 40 легла и ќе биде опремена со целокупна медицинска опрема. Дополнителните објекти значително ќе го зголемат капацитетот на Инфективното одделение во општата болница и ќе го олеснат справувањето со здравствената криза во Охридскиот регион.