Утрински Весник
Македонија

Заборавените селски потоци и реки во Пијанец повторно ги наполнија коритата

Заборавените селски потоци и реки во Пијанец повторно ги наполнија коритата

Делчево, 6 април 2020 (МИА) – Снегот и дождот што ги имаше во изобилство во февруари и март ја подобрија хидролошката слика што придонесе во селските средини повторно да се слушне жуборот на заборавените потоци и реки. Една од притоките на Брегалница кои по по долго време се вратија во живот, како што раскажуваат мештаните, е и реката В’чин Дол која повторно го наполни речното корито.
-Оваа заборавена река се користи за наводнување на полињата долж нејзиното течение кое од подножјето на планините Обел и Влаина се слева кон река Брегалница. За мештаните ова е од огромна корист особено ако се задржи во летните месеци затоа што ќе се искористи да се наводнат посевите со пченка, грав, компир и останати градинарски култури, велат жителите.
Покрај оваа, како што додава Спаско Спасев, жител на селото, се вратија и останатите реки и потоци од другата страна на селото.
-Од спротивната страна слична притока на Брегалница е реката Скопчан, која се соединува со В’чин Дол и така ја зголемува својата површина. Засега и двете реки не прават проблем на локалниот пат кој минува покрај нив, а кој во минатото знаеше често да биде однесен од силната вода, вели Спасев.
Село Град е планинско место каде претежно жителите живеат од земјоделство. Основна гранка им е овоштарството додека десетина фамилиии се уште одгледуваат и добиток. вс/хс/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Да ја оспориме неправдата – претседателката Сиљановска Давкова на 16 дена активизам против родово-заснованото насилство

Конгресот го избра новиот состав на Централниот одбор на СДСМ

Мицкоски: Посакувам СДСМ да наликува на конструктивна опозиција