Надлежните институции во соработка со приватниот сектор и синдикатите да развијат ефикасен механизам кој ќе придонесе за изедначување на платите на мажите и жените кои во овој момент за иста вредност во работата се за 23% пониски. Ова беше истакнато денес од Сојузот на стопански комори, Здружението на бизнис жени и Сојузот на синдикати на Македонија, по повод одбележувањето на првиот Меѓународен ден за родова еднаквост на платите – 18 септември.
„Глобално жените заработуваат 23% помалку од мажите, а јазот на национално ниво е 19%. Ова е причината зошто создадовме национална коалиција со повеќе засегнати страни за да постигнеме еднаква родова плата за работа со еднаква вредност. Според анализата на УСАИД објавена во јули минатата година проценетиот сооднос на приходите на жените во однос на мажите во нашата земја е 0,49 проценти што претставува најголем јаз во регионот“, изјави Габриела Кулебанова, потпретседателка на Сојузот на стопански комори.
Валентина Дисоска, претседателка на Здружението на бизнис жени вели дека во државата постои широка правна рамка со која се регулираат прашањата за еднаквите можности, недискриминацијата и учеството на жените на пазарот на трудот.
„Меѓутоа и покрај постоењето на солидна законска регулатива и стратешки документи, евидентна е повеќекратната дискриминација на жените и нивна неможност во претприемништвото и корпоративниот свет да напредуваат подеднакво и покрај квалитетот и соодветните квалификации. За изедначувањето на платите и за пробивање на стаклениот плафон, неопходна е поголема посветеност на сите релевантни субјекти, родово водени статистики, подигнување на свеста за проблемот и за обезбедување еднакви можности за поддршка и финансирање на жените во приватниот сектор“, вели Дисоска.
Меѓународниот ден за родова еднаквост годинава се одбележува првпат, во услови кога светот се бори со пандемијата, која уште повеќе ја зголемува нееднаквоста.
Жените сочинуваат две третини од здравствената работна сила ширум светот, вклучително и 85 отсто од медицинските сестри и 90 отсто од здравствените работници кои се вклучени во долготрајната нега на болните. Жените се соочија и со товарот од дополнителната неплатена работа предизвикана од затворање на училишни и установи за згрижување деца. Жените исто така во поголем број останаа без своите работни места, бидејќи работат во секторите кои се најпогодени од кризата.
Катерина Поповска од Сојузот на синдикати на Македонија вели дека колективното договарање помеѓу синдикатите и организациите на работодавачи како членови на Економско социјалниот совет има потенцијал значително да ги намали родовите разлики во платите, преку четири инструменти што оваа коалиција на организации силно ќе ја поддржи и промовира.