Утрински Весник
Македонија

Жените не се охрабруваат да застанат на чело на синдикат

Жените не се охрабруваат да застанат на чело на синдикат

Скопје, 8 март 2020 (МИА) – Жените синдикално се организирани, но се уште не се охрабруваат да застанат на чело на некоја синдикална организација. Оваа функција се уште главно ја извршуваат мажи. Проблемот е тоа што жените немаат можности да го избалансираат професионалниот и приватниот живот. Менталитетот, не само во нашата земја, туку и во регионот е таков што се уште поголем дел од домашните обврски ги извршува жената, а од друга страна органичени се и социјалните можности за чување на деца и стари лица.

Во еден од најголемите синдикати во државата – Сојузот на синдикати на Македонија, од вкупно 18 грански синдикати, само во еден од нив, на чело стои жена. Тоа е синдикатот на трговијата, една од дејностите во кои работат најмногу жени.

–  Во државите од регионот, но во принцип и на глобално ниво, многу помалку се застапени жените кои се на чело на синдикалните организации, особено на повисоко ниво на организирање. Причините за ваквата состојба, особено на регионално ниво е проблемот со балансирањето на професионалните со приватните обврски. Сакале или не, во рамки на регионот, домашните обврски се уште во поголем обем паѓаат на товар на жените и покрај трендот на зголемување на свеста за рамноправноста во поделбата на домашните обврски. Поради оваа состојба, се помалку жени се осмелуваат да застанат на чело на синдикатите, вели Катерина Поповска од Сојузот на синдикати.

Во изјава за МИА, Поповска посочува дека во ССМ има речиси еднаква застапеност на мажите и жените. Сепак, во зависност од дејноста која ја покрива синдикатот, зависи и половата застапеност на членовите. Така, во текстилната индустрија каде главно работат жени, нормално е да се очекува дека поголем ќе биде бројот на жени членки на синдикатот за разлика од машинската индустрија каде повеќе се застапени мажите.

– Сепак, колку и да се унапредени женските права, се уште живееме во „машки свет“. За тоа потврда е и овогодинешната кампања на ЕТУЦ – Европската конфедерација на синдикати „GENDER PAY GAP – END THE SECRECY„ по повод 8-ми Март. Со оваа кампања опфатена е потребата за еднаквост во плаќањето и борбата во иднина мажите и жените кои работат на исти работни места, со исти квалификации, да бидат еднакво платени, истакнува Поповска.

 

За жал, истражувањата направени на европско ниво покажуваат дека мажите се уште се подобро платени од жените за истата работа. Родовиот јаз во платите изнесува неверојатни 40 проценти што придонесува жените работнички да бидат поподложни на сиромаштија од мажите. Доколку се намали стапката на овој јаз, бројката на сиромашни вработени жени би се преполовила, а околу 2,5 милиони деца би излегле од сиромаштија.

Билјана Анастасова – Костиќ

 

 

 

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Една година од убиството на малата Вања Ѓорчевска

Мицкоски: Ни треба деполитизирана администрација, каде клучни ќе бидат стручноста и посветеноста

Објавени лауреатите на државната награда „Св. Климент Охридски“ за 2024 година