Железници на РСМ – Транспорт лани остварила минимален пораст на обемот на превезена стока во товарниот сообраќај, но каминскиот превоз и понатаму доминира во транспортот на стоки во нашата земја. Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека со воз биле транспортирани 1.840.000 тони стока, додека со камиони во 2019 година биле превезени 69.395.000 тони.
Во однос на остварените „тонски километри“, железницата во товарниот транспорт лани учествувала со само 3,3 отсто, додека камионите во патниот превоз ги изминале останатите 96,7 отсто. Ваквата состојба е речиси идентична на уделот на железницата во товарниот транспорт во 2016 година, кога таа учествуваше само со 3,1 отсто од „тонските километри“. Со ова, нашата земја е на самото дно во однос на уделот на железницата во превозот на стоки кај земјите – членки и кандидатите за членство во ЕУ.
Една од причините за ваквата состојба е и фактот што Железници на РСМ – Транспорт е единствен транспортен оператор на македонските пруги, со што Македонија е меѓу последните земји во Европа во кои државната железница има монопол во товарниот транспорт. Колку за споредба, во соседна Бугарија работат вкупно 15 компании што транспортираат стоки по бугарските пруги.
Министерството за транспорт и врски во моментов ја изработува анализата за преструктуирање на Железници на РСМ – Транспорт, при што моделите за нејзина трансформација треба да бидат познати до средината на оваа година. Консултантите во изработениот документ ќе треба да дефинираат дали државната компанија ќе се подели на повеќе фирми, ќе остане во постојниот формат или пак во брзо време би се приватизирала.