Утрински Весник
Македонија

Жбогар за МИА: Нема враќање назад, преговарачкиот воз замина од станицата и вие сте во него

Жбогар за МИА: Вие испорачавте, за жал ние повторно одложивме – потребна реформа на начин на носење одлуки во ЕУ

Скопје, 29 март 2020 (МИА) – Земјите-членки одлучија да ги отворат преговорите со Северна Македонија. Нема враќање назад, преговарачкиот воз замина од станицата и вие сте во него. Брзината на возот зависи од два машиновозачи од двете страни. Преговорите ќе се одвиваат онолку брзо колку што вие сте во можност да преговарате, да ги исполнувате барањата и да се реформирате. Се надевам дека сите политички сили ќе можат да се обединат околу стратешката цел на забрзување на преговорите, вели евроамбасадорот Самуел Жбогар во интервју за МИА.

За тоа кога очекува да се одржи првата меѓувладина конференција, за новата методологија и неговите совети за побрзо затворање на преговорите, за проблемот со иселувањето на младите луѓе, како и за новонастанатата ситуација со вирусот Ковид-19 и помошта што нашата земја ќе ја добие можете да прочитате во продолжение на целото интервју.

После 15 години добивме „зелено светло“ за почеток на пристапните преговори, но некои велат дека нема конкретен датум. Како вие гледате на ова?

– Прво, мислам дека треба да застанеме и да погледнеме што се случи оваа седмица. По многу години, многу препораки, по разочарувачките исходи од Европскиот совет во јуни 2018 година, јуни 2019 година и октомври 2019 година, земјите-членки конечно се согласија да ги започнат преговорите со Северна Македонија. Ова не е „само уште една одлука на ЕУ“. Ова е „одлуката“ за почеток на пристапни преговори. Веќе нема дополнителни услови и сакам да им честитам на граѓаните на земјата за нивното трпение, одлучност и посветеност на европската идеја.

Како што беше случајот и со другите земји што преговараа пред вас, ќе има неколку чекори пред одржувањето на првата меѓувладина конференција. Европската комисија, која ќе преговара со вас во име на земјите-членки, има потреба од мандат за преговори, она што ние го нарекуваме преговарачка рамка. Европската комисија ќе подготви нацрт-преговарачка рамка што исто така ќе треба да ја вгради и новата методологија. Ние очекуваме ова да биде готово до јуни. Потоа земјите-членки треба да дискутираат, преговараат и да го усвојат документот. Откако ова ќе заврши ќе биде закажана првата меѓувладина конференција што го означува почетокот на процесот на преговарање.

Сепак, да повторам уште еднаш, земјите-членки одлучија да ги отворат преговорите. Нема враќање назад, преговарачкиот воз замина од станицата и вие сте во него.

Претседателот на Европскиот парламент Давид Сасоли објави дека членовите на ЕП нема да одржуваат состаноци во Стразбур до септември оваа година. Причината за ова е тековната Ковид-19 пандемија. Дали поради ова е можно одложување на првата меѓувладина конференција со Северна Македонија?

– Пандемијата на КОВИД-19 може да го искомплицира процесот на договарање на преговарачката рамка поради фактот дека создава потешкотии за физичко состанување на земјите-членки во Брисел. Овие дискусии може да потраат, не само поради вирусот, туку и заради тоа што земјите-членки треба да постигнат согласност околу вклучување на новата методологија во рамката, како и потребата од договарање на сите елементи поврзани со преговорите. На пример, процесот траеше околу три месеци во случајот со Црна Гора, а многу подолго во случајот со Србија.

Имајќи ја предвид новата методологија, кога може да очекуваме полноправно членство во ЕУ? Кој е вашиот совет за нас?

– Да се навратам на референцата со возот – брзината на возот зависи од два машиновозачи од двете страни. Преговорите ќе се одвиваат онолку брзо колку што вие сте во можност да преговарате, да ги исполнувате барањата и да се реформирате. Се надевам дека сите политички сили ќе можат да се обединат околу стратешката цел на забрзување на преговорите. Ако сите членови од вашиот тим во чамецот веслаат во истата насока, само тогаш ќе можете да спроведувате реформи, да донесувате тешки одлуки поврзани со преговорите и да го доближувате законодавството на ЕУ, со што побрзо ќе се движите кон целната линија.

Мојот совет за вас е да не гледате на пристапните преговори како вежба со штиклирање на завршени обврски што ќе ве однесе до ЕУ. Процесот на преговори треба да се гледа како инструмент за донесувење на ЕУ во земјата, донесување на вистинска промена во општеството и земјата, и на тој начин давање одговор на барањата на вашите граѓани. Патот (преговорите) е исто толку важен како и крајната дестинација (членството).

Хрватска и други нови ЕУ земји-членки се соочија со проблеми поврзани со негативна имиграција на квалификувана работна сила и млади луѓе во земјите-членки на ЕУ од Западна Европа. Што можеме да научиме од ова искуство?

– Одговорот на ова прашање е поврзан со мојот претходен одговор. За да се спречи одлив на луѓе треба да ја донесете ЕУ во вашата земја, и ова е, во голема мерка, суштината на преговарачкиот процес – обезбедување на соодветна примена на владеење на правото, беспоштедна борба против корупцијата, зајакнување на напорите за заштита на животната средина, подобрување на деловното окружување, подобрување на безбедноста на храната итн. Напредокот во овие области носи опипливи подобрувања во животот на луѓето, што понатаму ги охрабрува младите луѓе да ја планираат нивната иднина во својата земја.

Некои од новите земји-членки (но не сите) се соочија со одлив на млади луѓе откако се зачленија во ЕУ. Сепак, како што се подобрува состојбата во овие земји, во некои од нив има обратна тенденција и луѓето почнаа да се враќаат. На крајот од денот, дома си е дома.

Процесот на пристапување во ЕУ изискува спроведување на сложени реформи, како што се владеење на правото, економија, борба против корупција и организиран криминал. Која е најслабата точка во нашата земја?

– Вашата земја веќе постигна значителен напредок во реформите во клучни области како што се правосудство и јавна администрација, и ова е нотирано во последниот мини-извештај на Комисијата за Северна Македонија што беше објавен на почетокот на овој месец. Ќе биде потребно дополнително и подлабоко спроведување на реформи за земјата успешно да го спроведе процесот на преговори. Тука, главниот предизвик за земјата веројатно не е волјата туку капацитетот за спроведување на реформи, аспект што бара значителни ресурси, не само човечки. Затоа е важно земјата да ги претвори преговорите во еден вид на национален проект, преку обединување на сите политички сили и искористување на целосниот стручен потенцијал на располагање.

Неодамна твитнавте дека ЕУ ќе ја поддржи Северна Македонија со 66 милиони евра. Дали може да очекуваме директна поддршка преку медицински материјали?

Да, изминатава седмица ЕУ ја објави нашата првична поддршка од околу 66 милиони евра за ублажување на ударот од епидемијата на КОВИД-19 во земјата. Сумата вклучува 4 милиони евра директна поддршка за здравствениот сектор и набавка на соодветна опрема како што се респиратори, што ќе можеме да ја ефектуираме во многу блиска иднина со поддршка на партнерите од ОН. Во моментов работиме на потпишување договори за купување на опремата. Останатите 62 милиони евра ќе бидат наменети за социјално и економско опоравување на земјата. Ќе разговараме со владата како најдобро можат да се искористат овие средства.

Србија и Италија побараа и прифатија помош од Кина. Дали Северна Македонија треба да го следи истиот пат?

– Колку што јас знам, вашите власти се веќе во контакт со кинеските власти околу обезбедувањето на медицинска опрема и материјали. Нормално е во ваква кризна состојба без преседан земјите да бараат помош едни од други. Кина, земјата во која почна кризата, веќе излегува од неа и им помага на другите. ЕУ исто така обезбедува солидарна поддршка за трети земји иако се соочува со предизвиците на оваа пандемија на своја територија. Солидарноста се наоѓа во јадрото на вредностите на Унијата и во текот на оваа криза повторно го сфативме нејзиното значење и почитување.

За крај, како КОВИД-19 влијае врз вашиот секојдневен живот? Дали сметате дека владата ги презема вистинските чекори во борбата против пандемијата?

Сметам дека вашите институции донесуваат навремени одлуки насочени кон забавување на ширењето на вирусот и осигурување дека пандемијата нема да го преоптовари здравствениот систем. Мислам дека е многу важо да продолжат редовно да ја известуваат јавноста околу состојбата.

Здравствениот кадар може да ни помогне само ако ние им помогнеме со тоа што ќе останеме дома и ќе го почитуваме социјалното дистанцирање.

Како и сите други, пандемијата КОВИД-19 влијае врз мојот секојдневен живот. Ги следам насоките на властите, избегнувам социјални контакти и ги извршувам работните обврски од дома со помошта на современите комуникациски технологии. Ги поминувам деновите на интернет, со одржување на виртуелни состаноци овде во Скопје и со Брисел. Ако сите придонесеме овде и во остатокот од Европа, би требало да се ослободиме од овој вирус за околу два месеци.

Александар Атанасов

фото: МИА архива

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Уништување на македонското знаме предизвика бурни реакции во јавноста

СДСМ најостро ги осудува инцидентите и сквернавењето на македонското знаме

ВМРО ДПМНЕ: Арсовска е креаторот и изворот на хаосот во јавните претпријатија и во Градот Скопје