Доколку се изработи некаков курикулум за медиумска писменост во основното образование тој би требало неизбежно да биде испреплетен со безбедното и етичкото користење на интернетот како медиум којшто најмногу го користат учениците бидејќи сепак, медиумски писмен ученик би бил безбеден онлајн ученик, изјави наставничката по информатика во основното училиште „Страшо Пинџур“ во Неготино, Георгина Димова на панел-дискусијата на тема „Наставниците клучни за подигање на свеста за медиумската писменост” што ја организираше Македонскиот институт за медиуми.
„Изучувањето би требало да се фокусира на безбедно и етичко користење на медиумите, како и нивно користење за општествено добро, запознавање на учениците со можностите што ги нудат медиумите за учење, за запознавање со други култури, запознавање со светот итн.“ рече наставничката Димова.
Во нејзиното излагање таа ги сподели своите искуства на кои начини ја воведуваат медиумската писменост преку најразлични проекти и активности кои им помагаат на младите подобро да се запознаат со овој концепт. Тие заедно со учениците учеле за медиумска писменост така што воедно работеле на најразлични филмови, креирање на стрипови, создавање блогови итн.
„За да ги научиме учениците како да ги пронаоѓаат информациите, треба да ги научиме како да ги препознаваат лажните вести. На пример, преку еден веб сајт да побараме да најдат информации, а потоа да ги проверат и потврдат преку уште три други сајтови. Всушност целта е тие да откријат дека овој сајт е лажен и дека ако јас можам да направам таков сајт и им го покажам, тогаш што би спречило некој друг да креира лажен сајт и да продуцира лажни вести и информации? На тој начин ќе сфатат дека не сè што ќе се прочита на интернет е точно. Затоа е важно да научат да ги препознаваат овие појави“, вели наставничката.
Свое излагање на дискусијата имаше и српскиот комуниколог, координатор на проекти и тренер по медиумска писменост на Новосадската новинарска школа, Стефан Јаниќ кој појасни каква е ситуацијата со медиумската писменост во Србија. Таму овој предмет во гимназиите е изборен и тоа во вид на проектна настава што не е во класичен формат туку се работи на конкретен проект, кој би требало да е креативен, но тоа зависи од ентузијазмот на самиот наставник. На школата пак, изборниот предмет медиумска писменост е воведен пред 3 години и може да го слушаат студенти од различни студии.
Тој напомена дека постојат четири главни проблеми кога станува збор за воведување медиумска писменост во образовниот систем, а тоа се: поддршката од институциите, опременоста во училиштата, мотивацијата кај наставникот и самиот медиумски систем во Србија.
„Медиумска писменост ја јакне и политичката писменост. Ако вие на некого му објасните како да стекне отпор во борбата со дезинформации, истовремено ќе го научите како да не поверува на секој збор што ќе го кажат политичарите. Во Србија колку и медиумите да ја промовираат медиумската писменост, таа не им оди во корист бидејќи сакаат публика што ќе може да верува на сите нивни ветувања и говори. Од друга страна, некои училишта во Србија немаат стабилен интернет, или пак располагаат со еден рутер чиј пасворд го има секретарката на училиштето, други пак немаат ниту основни елементарни услови за држење настава, што во овој случај остава впечаток дека вие фантазирате за нешто многу големо и невозможно“ појасни Јаниќ, кој исто така ја спомена и самата демотивација кај наставниците, кои земаат мали плати и се „пренатрупани“ со предмети.
Она што е клучно во овој сегмет, смета Јаниќ, е и едуцираноста на самите наставници, колку тие се запознаени со медиумска писменост, какво и колкаво искуство имаат за истата, што е редок случај во Србија, каде најчесто овие предмети им се даваат на наставници кои имаат најмал фонд на часови, со цел да се пополни истиот без притоа да се гледа дали наставникот воопшто би можел да го владее и предава предметот.
Јаниќ вели дека го охрабрува соработката со младите, бидејќи како што истакна тој, тие размислуваат брзо, но и пркосат на промените и отпорот од другата страна. Во врска со наставниците рече дека она што тој го забележал кога држел тренинг обуки и едукации на наставници е стравот којшто тие го чувствуваат кога треба да им зборуваат и предаваат на децата за нешто што самите деца го владеат подобро од нив, во случајов социјалните мрежи.
Комуниколог вели дека сè што е ново и непознато на постарите генерации им делува како опасност, но како што истакна тој „големите промени секогаш доаѓаат од исклучоците, т.е поединците – ентузијасти“.
За тоа какво е влијанието на социјалните мрежи кај младите зброуваше професоркa по мајчин јазик во СУГС Гимназија „Орце Николов“, Љупка Боцевска која се осврна на негативните влијанија врз менталното здравје, но и позитивните страни на социјалните мрежи. Едно од негативните влијанија за кои таа зборуваше е нарушеното ментално здравје, токму од споредбите кои младите ги прават според она што го гледаат на Фејсбук, Инстаграм, Твитер, ТикТок, почнувајќи од споредба со надворешен изглед, лични постигнувања и слично. Професорката го истакна и сајбер насилството кое може да се забележи во вид на навредливи зборови, злоупотреба на фотографии или пак, злоупотреба на профили.
„Социјалните мрежи исто така имаат и позитивна страна. Онлајн активизмот е нешто што може да се вброи како позитивна одлика бидејќи на тој начин младите се вмрежуваат и здружуваат и стануваат општествено активни. Креативноста која е неизбежно да се спомене, особено е забележителна на Инстаграм каде младите споделуваат фотографии и имаат предизвик да бидат што покреативни. Исто така, социјалните мрежи имаат и едукативна страна, а тоа се забележа особено во периодот од март до јуни кога наставниците беа оставени сами на себе и токму во овој период настанаа и многу групи каде се одржуваше комуникација и се разменуваа материјали за активности на часот“, истакна професорката Боцевска, напоменувајќи дека влијанието на социјалните мрежи се одразува и врз јазикот што го користат младите, но и врз пишувањето на домашните задачи и тестовите од државната матура каде што под влијание на латиничното писмо забораваат да ги пишуваат кириличните букви ќ, ѓ, њ.
Професоркaта по мајчин јазик во СУГС Гимназија „Никола Карев“, Снежана Станкова пак, зборуваше како социјалните мрежи може да се искористат за стекнување нови знаења и предавање на нови наставни содржини. Како што истакна таа, многу е тешко да се излезе од комфорната зона, но како одминува времето се јавува потребата од користење на телефоните и социјалните мрежи. Станкова вели дека иако мобилните телефони често пати им беа забранувани на учениците на часовите бидејќи ги користеа исклучиво за „чет“ и игри, таа лично никогаш не ги забранувала зошто смета дека ако добро се насочат децата, тие ќе бидат одлични и на часовите дури и ако користат мобилни телефони.
„Чист пример за ова е мојот предмет по македонски јазик, со креирање на профил за Достоевски преку којшто сакале или не сакале учениците ја прочитаа половина „Злосторство и казна“ затоа што ги интересираше самиот профил, кој е, како функционира. Ако во IV година е здодевно да се чита поезија сега со социјалните мрежи модерно е да се споделуваат песни, па да се открива кој е и што сакал да каже поетот“, вели Станкова.
„Јас на социјалните мрежи гледам како на смарт табла на која информациите немаат крај, само треба правилно да ги насочите учениците и децата и тогаш ќе има успешна соработка. Треба да учиме сите, и учениците но и ние наставниците, така ќе имаме една измешана група која може добро да работи“, истакна професорката, која воедно посочи дека е важно самите наставници да им укажуваат на децата за сомнителни или недоволно проверени информации пласирани на социјалните мрежи или сајтови, како што е примерот со Википедија каде што секој може да објавува содржина.
Дел од присутните што се вклучија во дебатата, а се осврнаа кон прашањето за актуелната состојба со пандемијата на ковид-19, беа согласни дека единствената алатка за справување со дезинформациите и лажните вести за корона вирусот, ќе биде токму медиумската писменост. Присутните истакнаа дека кај децата и младите има добра основа на технолошка едуцираност, а неопходно е само да се надоградат со медиумска писменост, сè со цел ученикот да се оформи во вистинска насока, така што тој критички ќе размислува, наместо „слепо“ да верува во пласираните информации.
Инаку, министерката за образование и наука, Мила Царовска на неодамнешната тркалезна маса на тема „Потребата и можностите за вклучување на медиумската писменост во формалното образование во РСМ“ истакна дека медиумска писменост е предвидено како концепт да се воведе идната учебна 2021/2022 година.