Утрински Весник
Свет

ЕУ ја отфрли можноста за средба со Путин

ЕУ ја отфрли можноста за средба со Путин

Европската унија ја отфрли можноста за состанок на самитот со рускиот претседател Владимир Путин, бидејќи не се создадени услови за тоа, рекоа лидерите по Европскиот самит во Брисел.

„Денес не можевме да се согласиме дека наскоро треба да се сретнеме на самит“, изјави канцеларката Ангела Меркел, која заедно со Франција се заложи за остварување на средбата.

„Прерано е затоа што не гледаме радикална промена во однесувањето на Путин досега. Да се обврземе без никакви црвени линии, би била лоша одлука“, рече литванскиот претседател Гитанас Науседа.

Ангела Меркел, сепак, оцени дека „важно е да се продолжи дијалогот и да се работи на неговата форма“. Лично, би сакала „посмел“ резултат, заклучи таа.

„Ги поддржав Германија и Франција во дијалогот со Русија на највисоко ниво. Сега мора да утврдиме кои канали на дијалог можат да бидат корисни “, рече австрискиот канцелар Себастијан Курц.

„Односите со Русија не можат да се сведат на економски санкции и протерување на дипломатите. Во одреден момент, мора да имаме можност да се сретнеме на масата“, рече белгискиот премиер Александар Де Кроо.

Франција и Германија повикаа на продолжување на дијалогот со Русија, но предлогот истиот да се продолжи на највисоко ниво меѓу ЕУ и Русија ги подели европските лидери.

Дијалогот ќе се одвива во „полиња од интерес на ЕУ“, се додава во заклучоците на самитот. Европските лидери потоа ќе разговараат со Русија „за формите и условите на тој дијалог“, се додава во текстот.

Лидерите на ЕУ ја повикаа Русија да покаже „поконструктивна соработка“ и „да престане да дејствува против ЕУ и соседните земји“.

Во исто време, тие изразија „подготвеност да одговорат одлучно и координирано на секој злонамерен, нелегален и нарушен чекор на Русија, користејќи ги сите расположиви средства“.

Високиот претставник на ЕУ за надворешни работи, Жозеп Борел има задача да подготвува „предлози за дополнителни ограничувачки мерки, вклучително и економски санкции“.

Можете да прочитате

Путин загрижен за безбедноста на Трамп: Се надевам дека ќе биде внимателен

Сибирски студ во Централна и Источна Турција со температури 20 степени под нулата

Руската армија незапирливо напредува: паднаа уште две важни места на рутата Донецк